ИЗМЕНИ: Пократка апанажа, за пократок мандат
Собранието на денешната седница треба да расправа за законските измени, поднесени од група пратеници, според кои се скратува времето на користење апанажа за пратениците кои нема да бидат во Собранието цел мандат.
Доколку бидат усвоени измените во членот 36 на Законот за пратеници, пратеник во Собранието ќе може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа:
- три месеци, ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци;
- шест месеци, ако мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци,
- девет месеци, ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и
- 12 месеци, ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.
Во досегашните одредби на законот, се предвидуваше само дека „пратеник во Собранието може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година“. Практично ова значеше дека пратеникот има право на апанажа цела година, иако на функција бил само еден ден. Ова право може да се продолжи за уште шест месеца, доколку во тоа време пратеникот стекнува право за старосна пензија.
