ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА РАСТ НА МИНИМАЛЕЦОТ? – опозиционерите со конкретни чекори, бараат над 100 милиони од буџетот за реализација
На предлог на пратениците од редовите на опозициската СДСМ во Собранието стаса предлогот за раст на минималната плата во Македонија. Како што најавија од партијата, измените на Законот за минимална плата се доставени до пратениците.
Со законските имзени се предвидуваат покачување на минималната плата на 600 евра во денарска противвредност, како одговор на засилените инфлаторни притисоци и растот на трошоците за живот во текот на 2025 година.
Со важечкиот закон се уредуваат висината на минималната плата, начинот на нејзино усогласување, инспекцискиот надзор и прекршочните одредби. Механизмот за усогласување предвидува зголемување врз основа на 50 отсо од порастот на просечно исплатената нето-плата и 50 проценти од порастот на индексот на трошоците на живот, според податоците на Државниот завод за статистика.
- Сепак, во текот на 2025 година беше регистриран континуиран раст на инфлацијата, особено кај основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци. Овие поскапувања директно ја намалија куповната моќ на работниците, особено на оние што примаат минимална плата, кај кои таа претставува единствен или доминантен извор на приходи. Синдикатите во повеќе наврати побараа дополнително зголемување со цел заштита на животниот стандард и обезбедување поголема социјална сигурност.
Предложените измени се темелат на истите начела како и постојниот закон, но предвидуваат поефикасен механизам за заштита на животниот стандард. Според проценките, за утврдување на минималната плата на 600 евра потребни се дополнителни 7,5 милијарди денари (121,9 милиони евра), средства што ќе се обезбедат преку пренамена во рамки на Буџетот – се наведува во законските измени.
Притоа предлагачите даваат и свој предлог како да се дојде до потребната сума за покривање на средствата потребни за раст на платите.
- Од оваа сума, 3.609.537.000 денари ќе се обезбедат со намалување на расходите во категоријата „Стоки и услуги“, односно патни трошоци, репрезентации и договорни услуги, додека 3.890.463.000 денари ќе се обезбедат со намалување на средствата во категоријата „Субвенции и трансфери“, ставка „Разни трансфери“- стои во законот.
Со ваквата прераспределба, според предлагачите, ќе се обезбеди фискален простор за покривање на потребните средства без зголемување на буџетскиот дефицит и без дополнително задолжување.
Зад овој закон стојата пратениците Бисера Костадиновска Стојчевска, Благој Бочварски, Борче Цветков, Венко Филипче, Горан Мисовски, Даниела Николова, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Миле Талевски, Митко Трајчулески, Моника Зајкова, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска, Соња Мираковска, Фатмир Битиќи.
П.О.