Изјавата на комесарот Хан-погрешно пренесена или сепак не?
„Договорот меѓу опозицијата и Груевски за решавање на политичката криза во Македонија има многу елементи и изборите во април се само еден од нив. Дел од овие елементи се исполнети, иако и по крајниот рок, кој беше предвиден. Се разбира, во таква чувствителна ситуација е убаво да има национален консензус. Но треба да се претпостави дека тоа може и да не се постиге. Она што е важно за нас, е изборите да се фер и демократски. Работиме со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и тие ќе испратат повеќе луѓе од вообичаеното да ја набљудуваат како подготвителната фаза на гласови, па и самото гласање во изборниот ден. Во Турција пример на последните избори имаше 30 набљудувачи, а сега во Македонија, помала држава, ќе има 24. ОБСЕ се подготвени да соработуваат и со македонската изборна комисија, ако таа побара помош. Пак ќе кажам, за нас клучно е изборите да се случат на чесен, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. Врз основа на ова може да се направи следниот чекор и да продолжиме напред“.
Ова е дел од изјавата која предизвика реакции кај поширокиот дел од јавноста и судир на ЕУ и бугарскиот медиум Капитал во кое интервју, еврокомесарот Хан меѓудругото беше запрашан и за актуелната состојба во Македонија.
Вчера за оваа изјава стигна реакција кабинетот на еврокомесарот Хан во која портпаролката Маја Коцијанчиќ тврди дека изјавата на Јоханес Хан е извадена од контекст.
- Верувам дека изјавата е извадена од контекст. Позицијата на комесарот останува иста како во последното негово соопштение – изјавила Коцијанчич за „Мета“.
Меѓутоа, од редакцијата на бугарски Капитал, за Дојче Веле пак тврдат дека изјавата на евокомесарот е пренесена точно.
„Ништо од интервјуто со комесарот Хан не е извадено од контекст, велат оттаму. ДВ контактираше и со одговорните луѓе во „Капитал“ и со авторката на интервјуто, Светломира Ѓурова. Одговорот е ист: интервјуто е целосно точно пренесено“, пренесува Дојче Веле.
Во редакцијата на Капитал за ДВ потврдиле дека не добиле никаква реакција од кабинетот на Хан за интервјуто, ниту е побарана исправка на било кој негов дел. Напротив од неговиот кабинет била побарана и добиена оригиналната аудио снимката од разговорот. Според информациите на ДВ, од Кабинетот на Хан сметале дека кажаното во интервјуто е конзистентно со досега искажаните ставови на комесарот Хан.
