Изгласани новите министри-наследници на Јанкулоска и Јанакиевски
Пратениците денес ги изгласаа новите министри предложени од премиерот Никола Груевски за наследници на министерката Гордана Јанкулоска и министерот Миле Јанакиевски.
Новите министри положија свечена заклетва и дадоа изјава дека ќе го почитуваат Уставот на РМ.
Митко Чавков, актуелниот директор на Бирото за јавна безбедност доаѓа на местото на Јанкулоска, додека Владо Мисајловски застанува на чело на Министерството за транспорт и врски.
Во своето образложение Груевски потенцира дека Јанкулоска и Јанакиески, како и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков кој исто така поднесе оставка, досега биле пример за раководење на тешки позиции и работливост, пренесува МИА.
- Се работи за личности кои дадоа огромен личен влог, во развојот на стабилноста и безбедноста на државата. Јанкулоска и Мијалков беа осум години на многу ризични и тешки за раководење позиции. Покажаа професионалност и патриотизам, смиреност, неверојатна лојалност кон државата и секогаш да застанат под браникот на татковината, рече Груевски.
- Несомнено, нивното делување во овој правец ги доведе во ситуација да е трн во окото на секој криминалец. На тој план секојдневно расте бројот на нивни непријатели и противници, но беа одлучни во намерата да го исполниме она што им го ветивме на граѓаните а тоа е силна и непоколеблива борба против криминалците. МВР стана страв и трепет кај сите криминални групи.
За Јанакиески рече дека е фанатичен работник, неверојатно брз и динамичен, експедитивен, стручен и чесен човек и министер. Човек кој помагал секаде и секому и кој е неуморен работник.
- Направи крупни реформи во ресорот кој го раководеше и ќе остане запаметен и меѓу вработените и меѓу фелата кој на почетокот гледаше на него со резерва пред се заради младоста и ненаметливоста, но многу брзо разбраа дека имаат министер кој е голем работник, пријателски настроен кон секого, исклучително стручен и со огромна волја за помош и развој на градежништвото, патниот транспортот, авиотранспортот, железничкиот транспорт, телекомуникациите и сите други ингеренции кои беа под негова надлежност. Истовремено и стратег и голем оперативец, министер кој создаде и остава зад себе многу дела, многу проекти и многу реформи, рече Груевски.
За предлогот Чавков да биде министер за внатрешни работи, рече дека тој веќе 28 години работи посветено во МВР на сите ниво, почнувајќи од инспектор па до директор на Бирото за јавна безбедност која што е функција именувана од Владата, исклучително искусен човек во професијата со ниту една дамка во својата кариера.
- Јас подобро го запознав во последните неколку години, особено откако е директор на БЈБ, многу одговорна функција која со голем професионализам ја извршуваше. Тој беше дел од успесите на МВР во изминатиот период и одлично е навлезен во започнатите реформи во МВР,но и во сите други активности на МВР. Со оглед дека е човек кој одлично го познава Министерството тој ќе знае да го извлече максимумот од секој поединец во Министерството, рече Груевски.
Покрај работата во јавната безбедност, Чавков извесен период има работено и во УБК. Има учествувано, а голем дел и раководено голем број на крупни операции на МВР кои завршиле со успех.
Владо Мисајловски е актуелен директор на Агенцијата за патишта на РМ која во моментов води крупни проекти за изградба на три автопати во Македонија, голем број на градби и конструкции на регионални и на локални патишта. Претходно беше државен секретар во Министерството за транспорт каде ја организираше работата на сите покрупни проекти на Министерството.
- Од тој агол исто како и Митко Чавков станува збор за човек кој одлично ги познава проектите на Министерството за транспорт, реформите кои се во тек во секторите кои се во надлежност на Министерството, проектите од Програмата на Владата и нивната динамика на реализација. Имајќи предвид дека ги познава и вработените во оваа институција тоа гарантира дека нема да има никаков застој во реализацијата на Програмата на Владата во областа на Министерството за транспорт, рече Груевски.
На седницата присуствуваа 79 пратеници, и тоа од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ДУИ, ДПА и трите независни пратенички, а со 74 гласови - За и 4 против беа изгласани новите министри.
Дали со оваа одлука пратениците дирекно го прекршија Уставот на РМ, поточно член 97 кој вели дека: „Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, а Согласно чл.15 од Законот за полиција, полициските работи во МВР ги врши Бирото за јавна безбедност како орган во состав на Министерството, што значи дека Чавков не може да биде избран за нов министер за внатрешни работи!
Слично
