Економија, финансии, бизнис

Контакт

Издиша ли домашната градежна експанзија?

Издиша ли домашната градежна експанзија?

Пазарната позиција на УСЈЕ на домашниот пазар падна за 279 милиони денари односно 9 отсто и тоа укажува на спласнување на домашната градежна експанзија што веројатно ќе се рефлексира и на другите стопански гранки во периодот што следи. Оперативните приходи пораснале за 145 милиони денари, а расходите за 189 милиони денари. Оперативната добивка паднала за 127 милиони денари.

Добивката на цементарницата УСЈЕ лани паднала за 12 отсто односно за 2,33 милиони евра во однос на 2016 година, покажуваат официјалните неревидирани податоци од финансиските извештаи на единствената македонска компанија за производство на усјемал, цемент и други градежни производи. Ова е главната вест која сигурно нема да ги воодушени малите акционери кои во последниве три години навикнаа на „благи“ вести од оваа голема компанија.

УСЈЕ лани успеал да ги зголеми приходите од продажба за 184 милиони денари до ниво од 4,398 милијарди денари и тоа само благодарејќи на извозот. На домашниот пазар УСЈЕ ја намалил својата пазарна позиција за 279 милиони денари односно 9 отсто до ниво од 2,835 милијарди денари. Овој индикатор укажува на тоа дека градежната експанзија на домашен терен стивнала лани во споредба со 2016 година и дека тоа ќе има ефекти врз многу домашни стопански гранки.

Сепак, менаџментот на оваа компанија која е дел од голема меѓународна групација успеал значајно да го зголеми извозот на своите производи. Тој достигнал 1,562 милијарди денари и пораснал за 462 милиони денари  односно за 42 отсто што во значајна мерка го компензирало губењето на домашната пазарна позиција. Кај залихите е забележливо преполовување при споредба на износите на крајот на минатата година во однос на 2016 година.

 Парапелно со приходите растеле и за нијанса повеќе од нив пораснале и оперативните расходи на компанијата. На крај на 2017 година тие пораснале за 6 отсто односно за 189 милиони денари. Најбрзо растечка расходна ставка се трошоците за суровини и други материјали кои пораснале 95 милиони денари до износ од 1,489 милијарди денари. Оперативната добивка на компанијата е 1,184 милијарди денари и е помала за 10 отсто од лани. По сведувањето на финансиските приходи и на финансиските расходи кои се на исто ниво како и во 2016 година добивката пред оданочување е 1,197 милијарди денари што е уште една успешна година за УСЈЕ. Вкупната сеопфатна добивка на УСЈЕ е 1,093 милијарди денари.

Значајно да се истакне од билансот на состојба освен тоа што компанијата има многу ниско ниво на кредитна изложеност е тоа што обврските на УСЈЕ пораснале за 14 отсто односно за 1 милиони евра и достигнале ниво од 544,22 милиони денари.УСЈЕ нема краткорочни кредити, а на своите добавувачи на крај на 2017 година им должела 277,9 милиони денари што е раст за 19 отсто. Останатите краткорочни обврски стигнале до ниво од 115,3 милиони денари и тоа е 14 отсто повеќе од 2016 година.  Долгорочните кредитни обврски УСЈЕ нема. 

Од билансот на состојба е видливо дека компанијата има голем раст на пасивата во вонбилансната евиденција и тоа за 60 отсто во однос на 2016 година односно 2,845 милијарди денари повеќе од 2016 година.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести