Издадена првата муслиманска Фатва против Биткоинот
Големиот египетски муфтија Шавки Алам ја издаде првата муслиманска фатва против криптовалутата биткоин со која ја забрани неговата употреба споредувајќи ја со коцкање што е против исламските верски закони. Фатвата е издадена со консултации со повеќе економски експерти, соопштија од египетското големо муфтиство.
Според Алам биткоинот е виновен за финансиски загуби на многу луѓе што е слично со коцкањето, а исто така ниту египетските власти не ја прифаќаат криптовалутата во економските односи.
Исто така муфтијата вели дека биткоинот може да ја загрози легалната безбедност на индивидуалците кои тргуваат со неа и дека може да доведе до олеснување на перењето на пари и купувањето на нелегални производи.
Досега повеќе верски центри низ арапскиот и муслиманскиот свет говореа против употребата на биткоинот, но ова е првата официјално издадена фатва на сметка на криптовалутата, особено што доаѓа од земја каде верските канони имаат значајна улога во државното уредување.
