Издадена наредба за апсење на Субрата Рој!
Врховниот суд во Индија издаде наредба за апсење на бизнисменот Субрата Рој затоа што не се појавил на судењето за измамата „тешка“ 4 милијарди долари на мали инвеститори во неговата компанија.
Како што јавуваат индиските медиуми, целта на налогот за апсење за кој не е можна кауција, е да го обезбеди присуството на Рој во судот на следното рочиште закажано на 4 март.
Судиите остро го критикувале одбивањето на индискиот бизнисмен да се појави на судењето и му се обратиле на неговиот адвокат: „Рацете на Судот се многу долги. Вчера поднесовте слично барње и ние го одбивме. Денеска пак доаѓате со истото барање. Кога се појавија другите директори, зошто да не може да дојде и тој?“
Адвокатите го бранеле Рој дека неговата мајка е тешко болна и оти тој мора да биде со неа, а како замена го понудиле присуството на директорите од неговите две компании инволвирани во случајот - Sahara India Real Estate Corp Ltd (SIREC) и Sahara India Housing Investment Corp Ltd (SHIC). Тие обезбедиле и медицинска белешка како потврда за влошената здравствена состојба на мајката на индискиот бизнисмен.
Сепак, судиите нагласиле дека во изминатите две години гледаат што се случува со овој предмет и затоа го одбиле барањето да не се појави од лични причини и побарале од него да биде присутен на судењето.
И покрај одлуката на Судот, Рој се уште не им ги вратил парите на оштетените инвеститори. На претходно сослушување, судот му одобри на индиското државно регулаторно тело за финансиска стабилност СЕБИ да го продаде имотот на двете компании за да се обиде да поврати дел од парите на инвеститорите.
„Ако имотот е заложен, тогаш поднесете кривична пријава против компанијата. Случајот мора да се доведе до логична завршница“, одлучиле судиите. Освен ова, судот му забрани на Рој да ја напушта земјата, а на неговата компанија и забрани да го продава имотот.
На почетокот од месецов индискиот бизнисмен Субрата Рој преку оглас во индиските медиуми најави инвестиции вредни речиси три милијарди евра во Македонија. Најголемиот дел од парите, односно 1,6 милијарда евра, според најавите, требаше да ги вложи во млечниот бизнис, а останатите во хотелски комплекс.
Со огласот „Сахара груп“ всушност бараше кандидати за високи позиции во нејзините бизниси во Индија и во странство. Во огласот групацијата најави дека во текот на 2014 година ќе треба да се пополнат 56.000 работни места во Индија и во неколку странски земји каде што има сопствен бизнис, за што ќе вложи речиси 3,8 милијарди евра.
Слично
