ИЗБОРНА ТРКА: Во кампања од 24-ти март!
Изборната кампања за првиот круг од претстојните претседателски избори ќе почне на 24-ти март, а ќе трае до 11 април, предвидува роковникот за изборите за шеф на државата што денеска едногласно го утврди Државната изборна комисија.
Комисијата апелираше до сите политички партии да се придржуваат кон обврските од Изборниот законик, посебно до одредбите кои предвидуваат одделување на државата од партијата, забрана за отпочнување со градби, ставање камен-темелници, пуштање во употреба на објекти изградени со буџетски средства.
Првиот човек на централната изборна комисија Никола Рилкоски очекува санкции доколку се утврди дека со нови огласи за вработување по распишувањето на изборите е прекршен Изборниот законик.
„Тоа се нови одредби кои беа донесени од сите политички партии кои го донесоа законот и тие треба да се придржуваат строго кон одредбите од законот. Доколку со распишувањето на изборите на 1 февруари се направиле прекршувања на законските одредби, јас сметам дека за прекршителите треба одредени санкции. Уште еднаш апелирам дека, согласно своите надлежности, ДИК ќе реагира за сите кои не се придржуваат до законот и ќе превземе дејствија“, рече Рилкоски.
Краен рок за поднесување на кандидатура е 13-ти март. Дотогаш, кандидатите кои сакаат да се дел од изборната трка ќе треба да соберат 10 илјади потписи или да обезбедат поддршка од 30 пратеници. Рокот за собирање потписи во подрачните единици на ДИК ќе почне од 16 февруари.
На веб-сајтот на Државната изборна комисија ќе биде објавен образец 30, преку кој граѓаните од дијаспората кои сакаат да го остварат своето гласачко право ќе треба да се пријават, за да бидат впишани во посебниот избирачки список.
Претседателските избори ќе го чинат државниот буџет 4 милиони евра, а каде ќе отидат овие пари, прочитајте повеќе на следниот линк:
Претседателските избори ќе „стопат“ 4 милиони евра, парламентарните – можат да донесат ребаланс
Слично
