Изборна пропаганда или инвеститорите навистина навалија во Македонија?
Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф е на инвестициски форум во Дубаи и од таму најавува дека DAMAC, една од најголемите градежни компании во Дубаи е заинтересирана за инвестициските можности во Македонија.
Претставници на оваа компанија најавиле дека ќе ја посетат Македонија во септември. Последниот проект на оваа градежна фирма е изградба на супер луксузен комплекс од вили во Дубаи заедно со американскиот милијардер Доналд Трамп.
Наумоф се сретнал со сопственикот на компанијата Хусеин Сајвани, на маргините на инвестицискиот самит.
Инвестиции најавува и првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо. Според него, странски компании се заинтересирани за „браунфилд“ вложувања во постоечки капацитети во Македонија, по примерот на американската компанија Амфенол која почна со производство на автомобилски делови во погоните на Атом во Кочани.
„Во моментов, имаме неколку странски компании кои го разгледуваат овој модел за инвестирање во Македонија - браунфилд, а потоа гринфилд, и тоа од Германија, Италија и САД“, вели Мизо.
Ова се само дел од најавите за инвестиции кои беа објавени во последните неколку дена, во ек на изборна кампања. Премиерот Груевски вчера објави дека странска компанија има намера да отвори дури 5.000 нови работни места во североисточниот дел на земјата.
Слично
