Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИЗБОРНА МАТЕМАТИКА: ВМРО-ДПМНЕ бара 63, ДУИ – 25 пратеници

ИЗБОРНА МАТЕМАТИКА: ВМРО-ДПМНЕ бара 63, ДУИ – 25 пратеници
Портпаролот на ДУИ Бујар Османи преку Фејсбук побара поддршка на граѓаните за добивање најмалку 25 пратеници во новиот состав на Собранието, по предвремените парламентарни избори. „Овие не се избори каде што ќе се одреди дали ќе победи позицијата или опозицијата затоа што јасно се гледа расположението на граѓаните, но ќе бидат избори кои што ќе одредат кои ќе се факторизира повеќе во следната влада - ДУИ или ВМРО. Затоа бараме подршка од Aлбанците за добивање на 25 пратеници на ДУИ“, напиша Османи. Викендов, од партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата Никола Груевски побара 63 пратеници во новиот собраниски состав, за партијата да не трпи уцени од коалицискиот партнер. „Во изминатите недели и месеци ги слушнавме изјавите на ДУИ дека ќе ги бојкотираат изборите, ќе излезат од Владата и ќе бараат предвремени парламентарни избори. Во 2008 на 63 пратеници ништо не им пречеше. Подоцна, откако во 2011 добивме 56 пратеници гледаме различно лице на коалициониот партнер“, рече Груевски. На ваквиот говор од Груевски, реагираше лидерот на ДУИ Али Ахмети на средба со амбасадорот на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет.„ДУИ не бара мандат против никого, но бара мандат за да бидеме дел од Европа, за здрави меѓуетнички односи како и меѓу соседите, за спроведувањето на Охридскиот договор и за економскиот развој, и затоа се надеваме дека и другите партии ќе се натпреваруваат чесно за овие принципи во нивната програма, а не против нас“, се вели во соопштението на ДУИ. Во сегашниот состав на Собранието ВМРО-ДПМНЕ има 56 пратеници, додека ДУИ - 15. Овој состав на Собранието се очекува да се распушти на седницата в среда, по барање на партијата на Ахмети.
Слично

Поврзани вести