ИЗБОРИТЕ КАКО СВАДБА: Голема или крвава?
Стискаат роковите до најавениот датум за распишување на изборите кој претседателот на Собранието Трајко Вељановски го одложи за 15-ти април со што остави дополнително време за Државната изборна комисија, која сеуште неможе да направи прочистување на избрачкиот список, како услов за обезбедување на фер и кредибилни избори. Од друга страна се поизвесно е можно одложување на изборите. Тензиите ги подгрева непредвидливата политичка состојба, а сеуште е нејасно и што ќе се прави со спорните записи пронајдени по проверката на ДИК и на кој начин и со каква постапка тие гласачи ќе се поништат.
Уставот во европско-континентален правен систем е строго формален акт и секој дел од него налага целосно почитување на однапред определената форма. Така и во Република Македонија. Но одлуката за распуштање на Собранието од 19 јануари со која Собранието се распушта на 24 февруари, а подоцна променета со тоа што согласно новата одлука законодавниот дом се распушта на 7 април е непозната за формата и содржината на Уставот, вели за Фактор, универзитетскиот професор Драги Рашковски.
Точно е според него дека во Уставот пишува: “во Република Македонија е дозволено се што со Устав и закон не е забрането”, но кога се бара строго почитување на форма, и кога таа форма е однапред определена и тоа со највисокиот правен акт, тогаш вели пратениците немаат “слобода на толкување”.
Професорот Рашковски које е изумител на патентот “електронска гласачка кабина”, целата состојба за изборниот процес сликовито ја раскажува преку метафора која реално ја одсликува моменталната политичко –општествена ситуација.
“На ваквата одлука Собранието само “правеше веридба и закажа во матично”. За да биде “бракот полноважен” потребно е на денот на “регистрацијата” младите да го кажат судбоносното “ДА”. Не може тие да кажат “ДА” на денот на веридбата и со тоа да се смета дека тоа “ДА” е доволно за пред матично. На матично се оди дента кога е закажано и во присуство на правно определен број на сведоци.Доколку решат младите да не одат пред матично и сметаат дека нивното “ДА” на денот на веридбата е доволно, тогаш нивното дете ќе е “вонбрачно”– објаснува професорот Рашковски.
Нејасно е според него што ќе се превземе со 192 илјади лица кои немаат ниту лични карти, ниту патни исправи во МВР, ги нема ниту во пензиско ниту во здравствено осигурување, немаат трансакциски сметки, не плаќаат ниту данок, а ги има во Избирачкиот список.
“Свадбата е закажана ама сеуште не се знае колку гости ќе има”. Има гости за кои младенците немаат заедничка согласност дека треба да бидат поканети на свадбата. Со тие предлог-гости или се има изгубено близината заради тоа што се исселиле во странство и сега ради-реда, само затоа што се роднини треба да се поканат или пак се “ново доселени комшии”, па ред е комшијата да се покани. “Татковците на младоженците”, иако не зависи од нив кој ќе биде поканет за свадбата, затоа што младенците им го одземале “мандатот” и сега може да се само гости на свадбата, “по чаршија трубат” дека на младите им помагаат во составувањето на списокот со гости”-додава универзитетскиот професор.
На свадба додава, сме биле сите и знаеме дека се прави со двајца младенци, а не со еден. Па затоа вели не е логично ако еден од младоженците се откаже, зошто да се прави свадба само со гостите од едната страна и за тоа да се потрошат 15 милиони евра – колку што е “целокупното мени”?!
Затоа професорот Рашковски порачува: Дали ќе биде “македонска крвава свадба” или ќе биде “свадба еееее големааааа” зависи од тоа колку побрзо младенците го прочитаат “Законот за семејството”.
С.Б.
Слично
