ИЗБОРИ ЗА НБМ: Ќе има ли „војна“ за вицегувернерската фотеља?
Предлогот за именување на нов вицегувернер во Народната Банка – стаса во Собранието. Гувернерот Димитар Богов ја предложи досегашната вицегувернерка Анита Ангеловска Бежоска за старо-нов вуцегувернер. Сега, клучно прашање е дали Богов ќе го добие потребното мнозинство во парламентот за да се верификува изборот на Бежоска.
Дали СДСМ ќе го поддржи предлогот на Богов ....
Бежоска долго време работи во Народната банка и таа е квалитетен кадар – смета гувернерот Димитар Богов. Тој во Собрание го испрати предлогот за избор на Анита Ангеловска Бежоска за нов вицегувернер.
“Согласно со член 49 став 3 од Законот за Народната банка на Република Македонија, вицегувернерите ги именува Собранието на Република Македонија на предлог на гувернерот. Доставив предлог до Собранието на Република Македонија за именување на д-р Анита Ангеловска-Бежоска на местото вицегувернер на Народната банка на Република Македонија“ - напиша гувернерот Богов.
Во дописот објаснува дека Бежоска е дел од Народната банка долги години наназад и верува во нејзината стручност.
“Д-р Анита Ангеловска-Бежоска е најсоодветен кандидат за местото вицегувернер на Народната банка на Република Македонија, со исклучителна професионална кариера. Уверен сум дека таа е кандидат за кој може да се постигне широк консензус во Собранието на Република Македонија.“ - вели Богов.
Изборот на вицегувернер е по предлог на гувернерот, а за усвојување – потребно е просто парламентарно мнозинство. Гувернерот остварил средба со преставници на парламентарните партии, изложувајќи го својот предлог. Поддршка побарал и од СДСМ.
“Бежоска е врвен професионалец со беспрекорна кариера и сметам дека таа е најдобриот предлог во овој момент околу кој можеме да постигнеме еден поширок општествен консензус. Очекувам дека Собранието и пратениците ќе го препознаат квалитетот на кадидатот и ќе го поддржат. Ако за таков кандидат не гласаат тогаш јас не знам за кого би гласале“ – изјави во интервју за Телевизија 24, гувернерот Димитар Богов.
Она што е значајно е како Богов ќе ја добие довербата на власеачката СДСМ, со која до неодамна беше во “писмена војна “ преку соопштенија. Според познавачаите, за да се истурка изборот на Бежоска, сепак ќе биде потребна и поддршката на СДСМ. Од таму главно се воздажуваат од коментар – но дали ќе го дадат својот “глас“ за Бежовска, ќе се види наскоро.
Ги предложува гувернерот – му реферираат на Собранието...
Интересно е, дека согласно законот, вицегувернерите за својата работа одговараат пред Собранието на Република Македонија. Сега вицегувернерската “тројка“ ја сочинуваат Анита Ангеловска Бежоска, Фадил Бајрами и Маја Кадиевска Војновиќ.
Анита Ангеловска Бежоска според информациите, има деветнаесет години работно искуство, главно во областа на монетарната политика, макроекономската политика воопшто, фискалната политика и управувањето со јавните финансии. Во моментов, таа е вицегувернер на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и е одговорна за областите монетарна политика, истражување и статистика. Таа е исто така член на Советот на НБРМ и заменик гувернер на РМ во Бордот на Меѓународниот монетарен фонд.
До официјализирање на предлогот во јавноста се шпекулираа и други имања како можни кандидати. Во игра беше истакнат економист, кој за “Фактор“ изјави дека е точно оти неговото име се поврзува со можна номинација, но веднаш рече дека нема да аплицира. За дел од економистите, вицегувернерската функција е значајна бидејќи преку неа се учествува во креирање на монетарната политика, која може да биде одлучувачка во одредените економски периоди.
“За вицегувернер треба да биде избрано лице со познавање на монетарнaта политика и лице кое не подлегнува на притисокот на фискалната власт. Само такво лице може да донесе промени во монетарната сфера. За спроведување на постојната монетарна политика не е неопходна ниту познавање од монетарна област ниту јазична умешност “ – коментираа дел од економистите кои се залагаат за напуштање на моделот на фиксен курс на денарот.
Доколку помине изборот на Бежовска, таа ќе биде “десна рака“ и на идниот гувернер, што практично значи дека сегашниот бира кој ќе биде најблизок соработник на идниот гувернер. Инаку, мандатот на Димитар Богов истекува догодина и тој има право на уште еден седумгодишен мандат.
Д.А.
