ИЗБОРИ ВО БИХ: Набљудувачи се степаа на гласачко место
Граѓаните на Босна и Херцеговина денеска ги избираат своите претставници во државните, ентитетските и кантоналните институции на власта. Гласачките места се отворени до 19 часот.
За општите избори се регистрирани речиси 3,3 милиони избирачи, а регуларноста на изборите ја следат голем број акредитиранин набљудувачи - дури 50.000 од политичките партии и речиси 6.000 од граѓански здруженија и меѓународни организации.
Иако изборите не се очекува да донесат поголеми промени во распоредот на политичките сили во земјата, тие сепак се следат со исклучително внимание затоа што се случуваат во чувствителен политички и економски момент за БиХ.
Изборите од утрово не поминуваат без инциденти. Во Сански Мост, само еден час по отворањето на избирачките места, морала да интервенира полиција затоа што се степале двајца набљудувачи од различни политички партии. По инцидентот ним им било забрането да продолжат со набљудување на изборниот процес, а гласањето продолжило.
На изборите учествуваат 98 политички субјекти - 50 политички партии, 24 коалиции и 24 независни кандидати. Првичните резултати се очекува да бидат објавени околу полноќ.
Слично
