Избори се ближат: Бизнисмените бараат реални, а не популистички мерки
Транспарентност и отчетност, реални а не
популистички мерки, ова треба да бидат клучните приоритети во економските
програми на политичките партии за претстојните избори, порачуваат од бизнис
заедницата. При тоа посочуваат дека економските програми треба да содржат
рестриктивни мерки за доколку партиите навистина планираат одржлив економски
развој на земјата. Иако економските програми за претстојните избори се уште не
се објавени, сепак од она што досега го имаат пласирано политичките партиите,
нема крупни поместувања од ветувањата што ги имаа минатите изборни години. Од
Стопанската комора на Северозападна Македонија
Велат дека најавите и ветувањата за инфраструктурните проекти треба да
бидат според реалните потреби на економијата, и поголема поддршка на домашните
бизнисмени.
„Секоја економска програма на политичките партии задолжително треба да биде врз основните принципи на демократското функционирање на Владите т.е транспарентност и отчетност пред се. Овие основни постулати се столбови за фунцкионирање на модерниот свет, и секако веќе е крајно време да се промовираат економски платформи кои ќе бидат во суштина развојни, а не популистички, во спротивно ние секојденвно ќе се оддалечуваме од големата фамилија во која сме насочени. Деловната заедница не сака многу од политиката, туку само да се овозможи функционирањето на слободниот пазар во поширока смисла на зборот, фер конкуренција и насочување на државата кон домашните инвеститори.Конструктивен пристап кон инфраструктурните проекти според реалните потреби на економијата или протокот на луѓе и стоки, и секако намалување на влијанијето на државата врз целокупната економија“, вели Фатмир Битиќи од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Дел од бизнисмените сметаат дека политичките партии во своите програми треба да се насочат кон измени во монетарната политика и намалување на нивото на јавниот долг.
„Очигледно е дека треба да се направат некои радикални промени. Никој од партиите не зборува за промена на монетарната политика, што е основа за се друго. Денарот од 1992 година е врзан за еврото. Ние веќе имаме прескап денар и тој скап денар не не стимулира за извоз. Доколку би се кандидирал јас би ветил четери години замрзнување на растот на пензиите, би го намалил бројот на административци, нема зголемување на плати за администрација, а сите пари од буџетот би ги вложил за инфрастсруктура и би направил мораториум на задолжувањата. Покрај мораториум на долгот ние за жал ќе мора да го зголемиме и ДДВ-то и персоналниот данок. Веројатно ќе мора да се воведе и прогресивна даночна стапка на персоналниот данок. Јас лично би одбрал рамен данок , но премногу се задолживме за да може да издржи рамниот данок.Ако некој тоа не го вети, а тоа не е розова иднина, ние нашата генерација ќе ја уништивме. Јас тврдам дека идните генерации нема да доживеат од Фондот за ПИОМ пензии. Сега очекувам, некој релаен политичар, кој наместо бомбончиња ќе понуди реалност, а секој добар лек горчи. Време е да го голтнеме горчливот апче ако сакаме да опстанеме како економија“, вели Зоран Витанов, претседател на Асоцијацијата на менаџери.
Дел од економистите сметаат дека фокусот на политичките партии во економските програми но и на било која идна Владата треба да биде стопирање на растот на јавниот долг.
„Јавниот долг објективно не може да се намали со високи дефицити , тука има и математички и концепциски проблеми. Математички и концерпциски е јасно дека мора да се намали дефицтот минумум или еднаков на стапката на раст по можност и малку понизок од стапката на раст.Па постепено да паѓа задолженоста и да го олабави буџетскиот процес кон други попрудуктивни трошоци отколку кон отплата на камати“, изјави универзитетскиот професор Никола Поповски за телевизијата Алсат-М.
Колку ветеното се исполнува?
Во изминатите изброни циклуси клучните таргети во економските програми на политичките партии беа раст на економијата, даночни реформи, поголеми плати и пензии, нови работни места, изградба на патишта, рамномерна распределба на буџетските пари, субвенции. Изминативе десет години на власт е коалцијата ВМРО ДПМНЕ-ДУИ. Владејачката ВМРО ДПМНЕ претходните четери изборни циклуси имаше обемна економска прогрма, од високи стапки на економски раст од 6 до 8 проценти, намалување на буџетските дефицити, изградба на автопати, железници, енергетски проекти, двојно поголем доход по жител за 10 години, субвенции за земјоделство, поддршка за отворање за новосоновани претпријатија и друго.Ако се анализира конкретно економскиот раст, освен во 2007 година кога беше 6,5%, просечниот раст во овие десет години е само 3,1%. Буџетскиот дефицит на крајот на секоја година се зголемува повеќе од првично планираното, во 2014 година изнесуваше 4,2% од БДП. Додека јавниот долг заклучно со третиот квартал од годинава достигна 50,6% од БДП, иако во програмите беше најавувано дека нема да надмине 35 отсто од БДП. Во делот на инфраструктурните инвестиции, дел од крупните проекти се уште не се реализирани, како што е автопатот од Коридорот 8 што не поврзува со Албанија и Бугарија,надградба на железничката инфраструктура на Коридорот 8 од која почна изградбата само на делницата Куманово – Бељаковце. Во тек е изградбата на последниот неизграден дел од Коридорот 10 односно потегот од Демир Капија до Смоквица. Изградена е делницата од Коридорот 10, односно Куманово – Табановце. Пред две години почна изградбата на автопатите кон исток и запад, односно Миладиновци -Штип и од Кичево-Охрид.Дел од најавените инвестиции беа во локални и регионални патишта.Бизнисмените велат дека досегашните економски програми се преценети за остварување.
„За жал, во Македонија сме навикнати да видиме популистички и многу преценети економски програми кои се тешки за реализација. Само да наведам некои факти со што го потврдувам ова.Беа предложени намалувања на социјалните придонеси од 32% на 22% што никогаш не беа спомнати по добивањето на изборите, потоа намалувањето на бројот на административни процедури за лиценци и дозволи кои за странските инвеститори се намалени и им се даваат за пократок временски период во однос на домашните фирми на кои им се одолговлекуваат многу, бидејќи за жал не се приоритет на Владата.Овој случај беше наведен и во Извештајот за напредок на ЕУ. Во овие програми имаше и ветувања дека и процесот на ликвидација на фирма ќе се одвива многу брзо или до 30 дена и ова не е исполнето.Едно одлично ветување кое би била голем поттикнувач на развојот на малите и средни претпријатија е и предложената мерка за намалувањето на стапките на социјални придонеси за домашните инвеститори што секако дека не се исполни.И во однос на странските директни инвестиции како кампања што крена најголема прашина во државата беа предвидени истите да достигнат и до 750 милиони евра кон крајот на 2012 година, секако дека пропагирањето за СДИ не ги исполни очекувањата и иситите немаат реализација ни на ниво од 50% од предвиденото во нивните програми“, вели Битиќи.
Што ќе донесат сегашните ветувања?
Според Витанов дел oд ветувањата се остварени, но ефектите и по десет години не се видливи.
„Некои ветувања се остварија, на пример реформите што ги направи ВМРО ДПМНЕ во даночната политика, особено со персоналниот данок, зголемување на Буџетот, субвенции во земјоделство, стимулација за извоз, итн. Но, сега е веќе време да се види што од тоа даде ефект, а што не. Кога ќе направиме едно резиме всушност ќе видиме дека Македонија не може да мрдне од стапка два,три проценти раст, а на нас ни требаат 70 години по ред стапка од два проценти за да станеме некоја пристојна земја на ниво на Словенија.
Мислам дека шминкерски се намали невработеноста, манипулираат со одливот на населението, а самото тоа што се иселуваат зборува дека немаме еко систем за нормален живот во оваа земја. Македонија е без конкуренција, во целиот регион имаме најлоша инфраструктура. Со пет држави граничиме а немаме автопат со Тирана, Приштина, Софија, единствено има автопат кон Солун и Белград но тој е направен од друга држава од друго време.
Значи ние стратешки ниту железница ниту автопат направивме ниту брани, ниту енергетски проекти, се што е суштински и инфраструктурно за економска одржливост, што е предуслов за едно стопанство. Ако во нешто беше успешна оваа владејачка гарнитура во изминатите десет години, особено од 2008 година до денес, тоа е во огромниот трговски дефицит, огромниот дефицит во буџетот и ненормалната задолженост.Таква преголема задолженост од нормално економско стопанисување не можеше да дојде. Или многу се крадело или многу недомаќински се работело.Ако во нешто беа успешни, е тоа што направија обратно од тоа што ветија“, вели Витанов.
Од следната недела се очекува политичките партии да ги презентираат програмите. Но изминативе денови некоои од поголемите политички партии најавија дел од клучните мерки во економските програми . ВМРО ДПМНЕ најави намалување на даночните оптоварувања, целосна обнова на возниот парк на „Македонски железници“, нов експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија.СДСМ пак најави зголемување на минималната плата, помош за мали и средни претпријатија,активни мерки за нови 64 илјади вработувања. Од ДПА посочија дека во нивната економска програма фокусот ќе биде ставен на фискалната амнестија. ДУИ досега нема соопштено детали од економската програма.
Т.С
