Избори без граници: Струга и Центар пак на гласање
Управниот суд денеска од 34 прифати 32 тужби на ВМРО-ДПМНЕ за вториот круг од гласањето во скопската општина Центар и седум од вкупно осум поднесени за Струга.
Се очекува да има повторно гласање во овие две општини. Државната изборна комисија (ДИК) претходно прифати два приговори за гласањето во Струга, така што таму треба да се прегласува на девет избирачки места.Во Центар ќе се гласа меѓу Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски. Во Струга, пак, ќе се бира меѓу Владимир Кочоски, кандидат на коалицијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и Зијадин Села од ДПА, кој ја доби поддршката и од ДУИ.
Управниот суд утре ќе одлучува по 60 тужби на СДСМ, најмногу за Скопје, Бутел, Берово, Карбинци, Велес и Ѓорче Петров.
Жерновски: Ова е карикатура од демократија Победникот во двата круга од локалните избори, Андреј Жерновски изјави дека е револтиран од оваа, како што рече срамна одлука и најави дека е решен да победи во општина Центар. „Сведоци сме на едно газење на граѓаните на Центар, едно понижување на граѓаните на Центар, едно погазување и на волјата на граѓаните на Центар кои и во првиот и во вториот круг јасно се изразија дека сакаат да победи опозицијата. Мотивот е се разбира, еден и единствен, да се сокрие криминалот направен во Општина Центар, особено со проектот „Скопје 2014“. Сакам да упатам една јасна порака, ние со бело знаме нема да излеземе, со бело знаме ќе излезе Груевски. Ќе се бориме до крај, а во недела ќе имаме уште поубедлива победа на граѓаните на Центар“, истакна денеска Жерновски. Коалицијата „За подобра Македонија“ и нивниот кандидат Владимир Тодоровиќ го оспорија избирачкиот процес во вториот круг во повеќе избирачки места во општина Центар. Прво беа поднесени приговори до ДИК, кои откако беа отфрлени од Комисијата повторно ги разгледуваше денеска Управниот суд и оспори дел од нив. Оттука станува се поизвесно дека во недела повторно ќе се гласа за градоначалник на Центар.
Слично
