Избори 2014: Ќе се бира шеф на држава или ќе се гласа за партија?
Ѓорѓе Иванов во два дена ја прошета речиси цела југозападна Македонија (без Струмица), каде според информациите се сретнал и разговарал со жителите на најмалку 10-тина населени места. Стево Пендаровски едно попладне помина на во лежерна атмосфера со семејството во еден ресторан на Плоштадот Македонија во Скопје, а вечерта ја бодреше фудбалската репрезентација во победата против Летонија.
Во истовреме во исклучувањето од фејсбук-профилите, по неговата проверка што во текот на денот го прават барем 80 отсто од, според последните информации, околу милион корисници во Македонија на најмасовната светска социјална мрежа, во пред два дена, се појавуваше токму ликот на Пендаровски со барање за допаѓање на неговата страница. Актулелниот шеф на државата има над 30 илјади поддржувачи.
Кампањата за претседателските избори почна засилено, ако се суди според потезите на двајцата, според речиси неподелени оценки, најголеми фаворити за иден македонски претседател. Иако, не треба однапред да се отпишат ниту преостанатите двајца – Зоран Поповски од ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА. Но, дали таа може да го задржи фокусот на македонските граѓани кога ќе дојде налетот на парламентарната офанзива меѓу “обичниот плебс“. Дали понудата од четири имиња во претседателската трка, ќе биде доволно силна да се одбрани од притисокот на кампањата за пратеници. Која во досегашното 23 годишно демократско живеење се покажа како убедливо доминантна.
Ќе успеат ли Иванов, Пендаровски, Халими и Поповски да се оттргнат од кампањите што ќе ги водат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ГРОМ – чии кандидати се и кои првенствено ќе се насочат кон битката за законодавниот дом. Да се оттргнат во сликата дека ги претставуваат партиите што стојат зад нив. И, на тој начин да чепнат од “медот“ наречен неопределени граѓани – во процент што може да му донесе пресуден ефект за крајниот резултат.
Многу тешко, ако особено се има предвид фактот во каква состојба е македонското општество, смета новинарот и колумнист Тодор Пендаров, долгогодишен внимателен набљудувач на изборните процеси кај нас.
– Тоа е целосно партизирано, како и државата и затоа лично мислам дека кампањата за претседателските целосно ќе биде под капата или во функција на предвремените парламентарни избори. Партизираноста се провлекува од првите непосредни претседателски избори, но денес е доведена до “перфекција“, вели Пендаров. Според кого, доволна потврда за ова е самиот факт како се дојде до предвремените избори. Згора на тоа, повикот на ДУИ за да се бојкотираат претседателските избори исто така е грубо партиско мешање во основното право на секој граѓанин самиот да одлучува дали ќе гласа и за кого. И, конечно како потсетување дека пред пет години кампањата за претседател ја “трчаа“ Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, вели тој.Со него генерално се согласува и политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Вели, во основа парламентарните избори ќе ги засенат претседателските, па со самото тоа и кандидатите за шеф на државата. – Причини има неколку: Во Македонија претседателот го бираат повеќе партиите одошто граѓаните, бидејќи безмалку е невозможно да се стане претстедател без поддршка на некоја од поголемите партии. Второ, претседателската функција е послаба отколку извршните функции, па со тоа и помалку интересна, изјави Арсовски. Без оглед што во хиерархијата номинално е прва од државните функции. Според него, се добива и впечаток дека исходот од претседателските избори е безмалку однапред познат бидејќи партиските рејтинзи ќе се одразат и на претседателските кандидати.
-Теоретски можно е претседателската кампања да се одвои од парламентарната, па така и кадидатот за претседател да создаде свој политички наратив кој би бил независен од партиските, но за тоа би бил потребна да се одвои кампањата целосно, да се одвојат средбите, митинзите, да нема заеднички јавни појавувања и слично. Во ситуација кога изборот се поклопува и физички со парламентарните избори, ова би било многу тешко, оценува Арсовски.Во досегашната претседателска трка единствено можеби првите претседателски избори од 1994 година, во кои битката се водеше меѓу Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски, понудија дуел на двајца силни индивидуи кои во тој момент успеаја да се издгинат над партиите што ги номинираа. Без да се навредат квалитетите на сите останати претенденти во подоцнежните изборни циклуси кои исто така понудија интересни изборни натпревари. Но, тие или беа целосно препознавани по партијата што ги кандидираше. Или, како во случајот со Црвенковски во 2004 година – партијата се препознаваше по нив. Сепак – од начинот на тоа како ќе се води кампањата – дали ќе доминираат митинзите и масовните средби со граѓани, или, пак ќе се вложи повеќе во индивидуален контакт – на врата, во продавница, на културен или спортски настан. Потоа колку какмпањата ќе се темели на социјалните мрежи или интернет дебатните форуми (што станува неизбежен дел од сите политички убедувања на народот), па се до изборот на боите за препознавање на претендентот кои ќе бидат или не чисто пресликување на партискиот колорит – ќе се знае за што се определил самиот тој. За сигурниот чадор што го нуди партијата, или, пак, понекогаш ќе се излезе самостојно под отворено небо. Затоа што според некои проценки токму резултатот на 13 април на првиот круг од претседателските избори може да го детерминира исходот ина парламентарните две недели подоцна. Некому – за да ја потврди доминацијата, некој за да евентуално да направи пресврт, а некој за да ја измери и реалната политичка сила на опцијата чиј репрезент е. Ф.З.
Слично
