ИЗБОР НА КАНДИДАТИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: Koлку круга на интервјуирање се потребни за да се одбере соодветен кадар?
Од агенциите за посредување при вработување објаснуваат дека обично прават два до три круга со интервјуа, со цел да го изберат соодветниот кандидат за одредена работна позиција. Велат дека со текот на годините работите се промениле, бројот на потенцијални кандидати за работа во државата е намален поради иселувањето, но почнуваат така што во старт ги отфрлаат несоодветните кратки биографии, а потоа ги повикуваат на интервју оние кои поседуваат соодветни квалификации. По направеното прво интервју, агенциите добиваат попрецизна слика, дел од луѓето кои се пријавиле за работа отпаѓаат, а другите одат во втор круг на селекција.
„Кај нас конкретно, имаме по 2-3 круга. Идеално би било 3 интервјуа, но ако процениме дека сме го нашле идеалниот кандидат, остануваме на 2 круга. Ако се двоумиме помеѓу повеќе кандидати, имаме и трет круг, финален. Во пракса повеќе од 3 круга нема, а помалку има. Кога ќе стигнат биографиите, правиме селекција, а понатаму зависи од работното место и искуството, првичната комуникација и првиот контакт. Со 3 круга на интервјуирање, добиваме голема, јасна, слика за кандидатите. Ќе видиме како се снаоѓаат на одговарање на прашања, да се видат меките вештини и во втората фаза правиме елиминација на дел од кандидатите. Третиот круг е стеснет. Може да има и некакво тестирање, ако не можеме да се одлучиме. При самото интервјуирање е важно да видиме и колку кандидатот има желба за работа. Значи има и такви апликанти, со искуство, а без желба за работа“, велат од скопска агенција за посредување при вработување.
Додаваат дека изборот на најдобриот кандидат за работа понекогаш не е лесна задача. Во минатото имало многу кандидати, но сега има и огласи на кои се пријавуваат многу малку заинтересирани.
„Доколку работиме ние со фирма, од кај нас имаме структурно интервју, а потоа се проследуваат потесно избраните кандидати, а кај клиентот имаат уште едно или две интервјуа. Целиот круг на селекција опфаќа три интервјуа. До 5 кандидати најчесто остануваат во последниот, најтесен круг. Првично имаме груба селекција, таа значи се селектираат луѓето за интервју. Грубата селекција, скринингот е проверување на CV и што е она што бара клиентот. Зависи колку кандидати се пријавени, колку ќе има потенцијал за тоа што се бара. Десетина години претходно имаше голем број апликанти. Сме прегледувале и по 4.000 кратки биографии, за различни работни места кај клиенти кои тогаш влегувале во државата. Некогаш се случува пак да нема пријавени кандидати на оглас, па мораме да ги бараме преку препораки, контакти, социјални мрежи“, вели Јулијана Миновска, управител на агенцијата Д Хедхантер од Скопје.
Ако ги погледнеме податоците на Агенцијата за вработување, вчера стоеше дека во земјава има 8.019 слободни работни места. Се бараат работници од секакви профили, од пекари, сметководители, до аминистратори, медицински сестри и слично.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
