ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК КАКО КРОМИД: Што повеќе го отвораш, повеќе ти се плаче!
„Избирачкиот список во Македонија е како кромид. Што повеќе го отвораш, се повеќе ти се плаче.“
„Дедо ми умрен во 2004 година, баба ми умрена во 2006. Куќата во Ново Маало срушена во 1993. А ги има во избирачки список.“
„Си проверивте ли колку двојници имате?“
„Каде се оди после смртта? Во избирачки список !“
„За овие во Центар за секој стан по една катна гаража ќе треба.“
„И се јавив на мајка ми да преброи уште еднаш колку души живееме заедно. Ние сме 6, ми фалат уште 60.“
„Отворањето на Избирачкиот список е како отворање на Пандорината кутија“
Твитер е преплавен од сеирџиски коментари за Избирачкиот список, откако се појавија стотици починати и фантомски гласачи. Само по 24 часа откако беше поставена апликацијата на интернет страната на Државната изборна комисија преку која граѓаните можат да проверат дали ги има на списокот, се воочија многу нелогични и сомнителни работи. Има различни ситуации. Во една куќа живеат четворица, а на списокот гледаат дека всушност кај нив дома има уште десетина станари. Или пак напуштена и празна куќи во центарот на Скопје на која се пријавени 67 гласачи. Трошна барака во близина на МВР, каде според Избирачкиот список живеат дури 115 гласачи. Во стан од 45 квадрати во државна сопственост на улицата Френклин Рузвелт број 64, кој своевремено му бил даден на користење на екс директорот на УБК Зоран Верушевски, сега на таа адреса се пријавени 14 гласачи. Досега, според објавите на социјалните мрежи најмногу фантомски гласачи има во општина Центар.
„Излегуваат на виделина валканите тајни на власта. Како што тргнало со откривањето на фантомските гласачи во Центар, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ очигледно имаат поддршка само од најтесното партиско членство во општината. За само еден ден, веќе се открија станови со по стотици гласачи. Во овие моменти, клучно е да се постави прашањето дали може ДИК навреме да го прочисти списокот? Ќе ја дознаеме ли точната бројка на фантомските гласачи во Македонија? Колку гласови му биле „достапни“ на Груевски за манипулација? Само за Општина Центар веќе се шпекулира со бројки од над 3000 гласачи.“, вели градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.
Според досегашните „истраги“ на граѓаните кои се проверувале низ Избирачкиот список нема сомнителни гласачи само во Центар. Туку и во Бутел, Аеродром, Кочани, Неготино, Дебар, односно низ цела Македонија. Според СДСМ ова е уште еден доказ дека ВМРО ДПМНЕ и Груевски организирале избори преку корупција и злоупотреба на државните институции.
„Неполни 24 часа по објавувањето на Избирачкиот список од ДИК, само се потврдија сомневањата на СДСМ за состојбата во Избирачкиот список. И со ова само се докажа потребата во Република Македонија најпрвин да имаме прочистен Избирачки список, а се со цел да имаме слободни фер и демократски избори.“, изјави Петре Шилегов од СДСМ.
Засега ДИК не излезе со став дали со вака стокмен Избирачки список се гласало во изминатите изборни циклуси и колку гласачи нелегитимно го дале својот глас на некои од изборите. Од таму велат дека ќе се произнесат по завршувањето на увидот и вкрстената проверка на податоците која треба да заврши следната недела. Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски, објаснува дека се уште е рано да се извлекуваат заклучоци дали Избирачкиот список ќе биде целосно прочистен до 5 јуни, денот за кога се договорени изборите.
„Податоците во оваа апликација се според добиени податоци од Државниот завод за статистика. Се надевам дека ДИК во предвидените рокови ке ги спореди, странските експерти кои работат на ова ке ја доведат базата на податоци во технчки исправна состојба. Па, врз основа на проверките и покажаните аномалии, ДИК ке излезе со првични неофицијални податоци, а по теренската проверка и со конечна состојба на списокот. Се до тогаш ,сите неофицијални податоци кои доагаат наводно од извори на ДИК, ги сметам за шпекулации. ДИК има и техничка и стручна помош и буџет, сето тоа да го заврши во предвидениот рок“, вели Новаковски во мини интервју за Фактор.
Бази на податоци до ДИК доставија 11 институции, врз основа на кои експертски тим од информатичари врши вкрстена проверка. Пречистувањето на Избирачкиот список треба да заврши на 17 април, а листата на гласачи треба да се заклучи околу 7 мај.
М.Ј.
Слично
