ИЗБЕГНУВАЊЕ НА МИОПИЈАТА ЗА ОДРЖЛИВ ПОСТКОВИД РАСТ
Според проценките на ММФ, Светот како последица на КОВИД кризата изгуби 13,8 трилиони САД долари. Голем број на земји, овие загуби нема да ги надоместат до 2024 година. Остварената светска загуба во производството одговара на едногодишен БДП во Еврозоната. Исто така, според проценките на ММФ, на светско ниво, студентите ќе се соочат со трошоци од околу 17 трилиони САД долари, во текот на нивниот животен век, како резултат на загубите во стекнувањето на знаење и вештини, пониската продуктивност и пореметувањето во вработувањето (Кристалина Георгиева, ММФ, Март 2022).
Северна Македонија во 2020 година оствари загуба од 760 милиони евра, или пад на БДП од 6,1 процент и изгубен раст од 3,5 проценти (колку што е просекот во последните пет години), што одговара на 440 милиони евра. Растот од 4,1 проценти во 2021 година, беше недоволен да се надомести загубата. Така на крајот од 2021 година, Северна Македонија имаше нето загуба во БДП од 250 милиони евра, или заедно со изгубениот потенцијален раст, загуба од 690 милиони евра во однос на крајот од 2019 година.
За порамномерно да распредели товарот на овие загуби, на светско ниво а и во Македонија во 2020-2021 се реализираа масовни буџетски интервенции во насока на субвенционирање на компаниите и платите на вработените и субвенции за социјална помош на невработените. Резултат од тоа беа рекордни буџетски дефицити и раст на задолженоста на јавниот и приватниот сектор.
Државите решија да позајмат од идните генерации и идниот економски раст преку монетизација на буџетските дефицити. Билансот на Федералниот Резервен Систем се дуплира за една година а на Европската Централна Банка се зголеми за 35 проценти. Македонија фискалните интервенции ги финансираше претежно преку позајмување од странство, преку увоз на странска акумулација и зголемен дефицит во трговскиот и тековниот платен биланс, за да обезбеди дополнителни стоки и услуги, за да ја задоволи зголемената лична потрошувачка. Така, иако Македонија во однос на 2019 година имаше намален БДП, реалната лична потрошувачка во 2021 година, се зголеми за 2,3 проценти. Таквиот расчекор е неодржлив на долг рок.
На светско ниво се покажа дека економската обнова не оди така бргу како што се очекуваше за да можат безболно да се покријат монетизираните буџетски дефицити. На помош дојде старата добра инфлација преку инфлаторно оданочување. Велиме добра, затоа што централните банки тврдат дека таа ќе биде од привремен карактер и веќе го запреа дополнителното монетизирање на јавниот долг. Централните банки, особено ФЕД го запреа растот на билансот, и отпочнаа циклус на зголемување на каматните стапки. Притоа, се размислува и за намалување на билансот на ФЕД. Гледано од тој аспект, тие предвидуват светската инфлација бргу да се стави под контрола, бидејќи нема да се потхранува преку дополнителна монетарна експанзија. Слична акција, на раст на каматните стапки и контракција на билансот се најавува и од страна на ЕЦБ. Сепак, пореметените канали на снабдување, растот на цените на енергенсите и суровините,на храната, војната во Украина ја прават инфлацијата пожилава, а одредени економисти предводени од поранешниот Гувернер на САД, Бернаке, предвидуваат стагфлација.
Пораката на глобално ниво е јасна: со ставање под контрола на Ковид ризиците, потрошувачката мора да се нормализира на ниво на расположливиот доход. Тоа подеднакво се однесува за личната и јавната потрошувачка.Во спротивно, земјата ќе ризикува повисока инфлација и болно прилагодување.
Во Макекедонија во услови на намален расположив доход по жител, од 14.230 САД долари во 2019 година, на 13.890 САД долари на крај на 2021 година, според Светската Банка, постои лицитација за тоа колку повеќе да се зголеми личната потрошувачка, преку зголемување на минималната плата. Според пресметките на истата институција, договорениот раст на минималната плата од 18 проценти, значително ќе ги зголеми инфлаторните притисоци во Македонија. Доаѓаме до старата позната вистина, дека не можеме систематски да трошиме повеќе одколку што произведуваме.
Повисок животен стандард, систематски раст на реалните плати и конвергенција кон животниот стандард на ЕУ, може да оствариме само преку одржлив економски развој. И тоа не било каков, туку најмалку во период од две декади - раст во просек од 6 проценти. Тоа е извонредно тешко, но е безболно и остварливо. Тоа е единствен начин да ги задржиме младите генерации, да отвориме процес на доверба и ентузијазам. Меѓутоа, за тоа ни треба да работиме заедно кон остварување на заедничката цел – одржлив економски раст. Тоа е единствен одржлив модел за благосостојба и повисок животен стандард.
Проф. Д-р Глигор Бишев
Претседател на Советот за образование и стратешки истражувања при Стопанска Комора на Северна Македонија
