Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ивановски: Приватниот сектор да се вклучи во програмата е-Влада

Ивановски: Приватниот сектор да се вклучи во програмата е-Влада

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска упати апел приватниот сектор да ги искористи можностите со отворањето на  податоците од институциите  и да изработат нови апликации и сервиси со коишто ќе отворат нов бизнис модел, а економијата ќе има нова додадена вредност.

Во обраќање на дводневната Конференција за програмата е-Влада, што се одржува од денеска во Скопје, Ивановски информира дека минатата недела  заврши набавката за системот за отворени податоци, со којшто за почеток ќе се поврзат пет институции што своите податоци  што ги имаат во дигитална форма ќе ги направат достапни 24 часа дневно за компаниите.

- Тоа значи дека фирмите ќе може да се поврзат на овие системи и да  изградат мобилни и веб апликации и какви било други услуги за граѓаните, укажа Ивановски.

Иако веќе три години Ивановски го упатувал апелот до приватниот сектор да достави апликации за интерес за јавно-приватно приватно партнерство, се уште не е пристигната ниту една понуда.  Со приватното партнерство доколку би сакале компаниите да инвестираат услугите  што институцијата не е подготвена да ги понуди електронски за граѓаните, ќе ги понуди приватникот со соодветен бизнис модел.

Според Слаѓан Михајловски, претседател на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии-МАСИТ, домашните фирми се способни да изработат софтвери за размена на податоци и да завршат каква било работа, но проблем е ограничувањето од Законот за заштита на лични податоци.

- Компаниите имаат капацитет за вклучување, но веројатно недостасува комуникација со самите институции и достапноста до  податоците, а секако проблем претставува и Законот за заштита на личните податоци бидејќи практично има инволвирање на лични податоци со сите бази на податоци што им се потребни на граѓаните. Со тоа на некој начин се ограничува можноста за услуги кон граѓаните, но постојат и услуги каде не се потребни такви податоци, рече Михајловски.

Програмата е-Влада претставува концепт на крупна реформа на администрацијата преку употреба на информациски и комуникациски технологии. Целта е воведување поквалитетни административни услуги и излегување во пресрет на потребите на граѓаните и на деловните субјекти.

Конференцијата е-Влада е организирана од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии-МАСИТ во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, француската Амбасада во Македонија, Агенцијата за меѓународна техничка соработка на француските министерства-АДЕТЕФ и Француската агенција за промоција на извозот-UBIFRANCE.  Конференцијата е можност за споделување искуства на француски и македонските компании од ИКТ индустријата во делот на градење и развојот на „Е - Влада услуги и решенија“.

Слично

Поврзани вести