Ивановски на состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет во Њујорк
Mинистерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ќе учествува на состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој, кој на 21 септември 2014 година, ќе се одржи во Њујорк.
На средбата која се одржува на почетокот на 69-то Генерално собрание на Обединетите Нации, ќе се нагласи важноста и значењето од развојот и распространувањето на широкопојасниот интернет. Учесниците ќе водат отворени дискусии за некои од најголемите предизвици со кои се соочуваат индустријата и регулаторните субјекти, како што се инвестициите во инфраструктурата и балансирање на очекувањата на операторите и давателите на услуги.
Состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој ќе го отворат претседателот на комисијата, Карлос Слим и претседателот на Руанда, Пол Кагаме.
Министерот Ивановски ќе оствари контакти и разговори со влијателни луѓе од светот на информациско-телекомуникациските технологии, при што ќе ги сподели искуствата и достигнувањата на Република Македонија во ИКТ областа.
