Иванов:Затворањето на балканскиот коридор не е на штета на Грција
Претседателот Ѓорѓе Иванов во интервју за грчкиот весник „То Вима“ вели дека затворањето на балканскиот коридор не е на штета на Грција, туку напротив во нејзина корист.
Додава дека нашата земја никогаш не беше дел од решението за ограничување на чие било движење и никогаш не поддржала исклучувања на Атина од иницијативите поврзани со мигрантската криза. Мигрантската криза е можност за институциите на Македонија и Грција да ја надминат недовербата и да почнат да соработуваат, смета тој.
„Грција дозволи импровизирани кампови на самата гранична линија со Република Македонија и со тоа ги охрабри мигрантите да користат илегални премини, со што директно ја загрози нашата национална безбедност. Потврда за ова е инцидентот на 14 март, кога околу 2500 лица беа илегално уфрлени на македонска територија. Трагедијата е што ваквата практика продолжува. И покрај затворениот коридор, секоја вечер регистрираме над 100 обиди за илегален влез во Република Македонија. По се изгледа дека одредени политичари во Грција не ја сфаќаат сериозноста на безбедносните ризици што со себе ги носи оваа криза. Веќе постојат индиции дека дел од уапсените и осомничените за терористичките напади ја користеле токму Балканската рута“-вели Иванов.
Тој објаснува дека сега во Грција се води негативна кампања против Македонија. Грчките граѓани треба да бидат информирани дека и јавно, но и во разговорите со моите соговорници од ЕУ барав да и се помогне на Грција, додава Иванов.
За „Мерките за доверба“ Иванов потенцираше дека тие беа на инцијатива токму на македонската страна и дека Република Македонија направи се за да изгради мостови со грчкото општество, дури и во услови кога грчката Влада правела се за да ја поткопа таквата соработка.
Претседателот вели дека е небулоза тврдењето на одредени грчки политичари, дека Македонија преку својот придонес во мигрантската криза се пазари за членство во НАТО.
