Иванов загрижен од џихадистите
Во своето обраќање на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, шефот на државата Ѓорге Иванов изрази загриженост затоа што „Балканот станува база за регрутација и радикализирање на нови странски борци за глобален џихад“.
Тој предупреди дека ваквата регрутација во редовите на Исламската држава и Фронтот ал-Нусра, претставува потенцијална опасност и за регионот.
„Тие се групирани во етно-национални одреди за да ја изведат џихадистичката идеологија во нивните матични држави. Некои се таму веќе три години. Други сега им се придружуваат. Некои ќе останат таму, но некои најверојатно ќе се вратат на Балканот, и кога ќе се вратат, со себе ќе ја донесат својата омраза кон различностите, својата погубна идеологија со која ќе ги иницираат нашите ранливи општества и држави“, порача Иванов.
Како клучни чекори во борбата против радикалните групи и заканата за создавање „балкански калифат“, Иванов ги издвои интеграцијата на регионот во НАТО и ЕУ, како и создавање регионален центар за борба против тероризмот кој ќе ги обедини напорите на сите земји од Западен Балкан за справување со оваа појава. Центарот би помагал за размена на информации меѓу безбедносните служби и за координирање на нивните активности.
Слично
