Иванов за швајцарски весник: Македонија заборавена и напуштена од Европа!
Претседателот Иванов во интервју за швајцарскиот дневен весник „Ле Темпс“, објавено денеска се залага за брза интеграција на земјава во евро-атлантските структури, бидејќи, како што наведува, се наоѓа во центарот на „еден огнен прстен“.
Според дописникот на МИА кој го цитира весникот од Женева Република Македонија, произлезена од поранешна Југославија, веќе десет години чека пред вратата на Европската унија. Нејзината кандидатура е систематски блокирана од Грција со образложение дека и го одрекува правото да го користи името Македонија, сакајќи на тој начин да го преземе наследството од античка Македонија.
- За нас, членството во ЕУ е стратешка цел. Меѓу 80 и 90 отсто од населението се изјаснува за тоа, а од 2009 година Европската комисија даде шест позитивни препораки за нашето членство. Но, Грција продолжи да се противи на тоа – вели Иванов.
Прашан дали нешто може да се промени со доаѓањето на власт на Алексис Ципрас во Атина, македонскиот претседател изразува надеж дека тоа ќе означи доаѓање на нова генерација која „ќе знае да се ослободи од предрасудите наследени од минатото“.
На прашањето дали и покрај „долгата расправија“, Македонија одржуваше врски со претходното грчко раководство, Иванов одговара дека немало ниту еден контакт, иако биле направени повеќе обиди.
- Се обидовме да изработиме договор во областа на граничните премини или двојното оданочување, но ние не добивме одговор во изминатите 25 години – појаснува Иванов.
Притоа македонскиот претседател нагласува дека претпријатијата од двете земји се многу блиски и дека во Македонија работат над 200 грчки преторијатија, а економската размена надминува милијарда долари.
На забелешката на весникот дека некои забележуваат „тенденција на авторитаризам“ во Македонија, што ја става во опасност независноста на правдата и печатот, претседателот Иванов одговара дека на тој начин опозицијата се обидува да привлече внимание.
- Вие најверојатно се повикувате на случајот со нелегално прислушкување со кој лидерот на опозицијата Зоран Заев се обидува да привлече внимание на него. Од почетокот на овој случај, јас интервенирав за да побарам од државните институции да дејствуваат брзо и да ги казни оние кои го прекршиле законот, нагласува Иванов.
На инсистирањето на новинарот на „Ле Темпс“ дека еден известувач на Европскиот парламент зборува за „многу опасна ситуација“ во земјата, македонскиот претседател одговара дека чекањето пред вратите на ЕУ е фрустрирачко.
На прашањето дали Македонија е запрена, претседателот Иванов го тврди спротивното.
- Далеку од тоа. Ние го искористивме ова време да се посветиме на економијата. Го сменивме нашиот даночен систем, создадовме слободни економски зони, воспоставивме привилегии за странските инвеститори. Нашата економија е една од ретките во моментов со раст во регионот. Но, тоа не ги спречува фрустрациите за кои ви зборував, кои се акумулираа. На крајот на краиштата, единствениот начин вистински да се трансформира нашата економија, е да се деблокира и да продолжи процесот на интеграција. Ние не може да го направиме тоа сами. Македонија се чувствува заборавена, напуштена од страна на Европејците – нагласува претседателот на Република Македонија.
