Економија, финансии, бизнис

Контакт

Иванов во Турција му даде поддршка на Ердоган

Иванов во Турција му даде поддршка на Ердоган

Претседателот Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Турција, во петокот во Истанбул оствари средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, со кого разговараа околу билатералните односи и соработката, со акцент на прашања од сферата на безбедноста, мигрантската криза и економските односи.

Kако што соопштија од претседателскиот кабинет на средбата Иванов изразил сочувство и жалење за серијата терористички напади во земјата, вклучувајќи го и денешниот, врз полициски контролен пункт во југоисточна Турција. Турскиот претседател Ердоган, пак, изразил сочувство и жалење за поплавите од 6-ти август. Во тој контекст претседателот Иванов се заблагодари за помошта од Република Турција.

На средбата било договорено зајакнување на контактите и соработката на безбедносните служби во делот на превенција и размена на информации во борбата против тероризмот, како и за предизвиците поврзани со мигрантската криза. Двајцата претседатели се согласија за потребата од потесна билатерална соработка, но и соработка преку регионални и мултилатерални механизми, како и продолжување на економската соработка.

Исто така двајцата претседатели взаемно се информирале за актуелните политички и економски состојби во двете земји. Иванов повторил дека Македонија ja поддржува демократски избраната влада на Турција.

Иванов истакнал дека го поддржува нормализирањето на состојбите во Турцијa и повика на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање. Македонскиот претседател порача дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори.

Иванов престојува во работна посета на Турција на покана на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган в чии рамки, ќе присуствува на свеченото отворање на третиот мост над Босфорот „Јавуз Султан Селим“.

На свеченото отворање присуствуваат и бројни државни претставници, меѓу кои претседавачот со претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, Кралот на Бахреин, Хамад бин Иса ал Калифа.

Слично

Поврзани вести