Иванов во Австрија на свеченост по повод 25-години од ЕАНУ
Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе престојува во работна посета на Салцбург, Република Австрија, по повод 25 годишнината од основањето на Европската академија на науките и уметностите.
Во рамки на посетата ќе оствари средба со претседателот на Република Австрија, Хајнц Фишер и ќе се обрати на свеченоста по повод одбележувањето на 25 годишнината од Европската академија на науките и уметностите.
Претседателот Иванов беше инаугуриран во заштитник на Европската академија на науките и уметностите во март 2012 година.
Европската академија на науките и уметностите е формирана во 1990 година во Салцбург со цел да придонесе кон позитивниот развој на општествата и културите во Европа преку интердисциплинарни и наднационални дебати за суштинските проблеми на европско тло и низ пионерска интелектуална улога. Во ЕАНУ членуваат 1200 научници, истражувачи, филозофи и уметници, меѓу кои 29 добитници на Нобеловата награда.
