Иванов се сретна со Ердоган, Ципрас и Церар во Истанбул
Македонскиот претседател, Ѓорге Иванов на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул, кој се одржува денеска и утре се сретна со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и со премиерите на Грција и Словенија, Алексис Ципрас и Миро Церар.
На средбата со турскиот претседател изразиле задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Турција и подготвеност за натамошно унапредување на соработката. Тие размениле мислења и информации за состојбите со мигрантската криза, за актуелните политички состојби во земјите, како и за прашања поврзани со енергетската безбедност и гасоводни проекти. Ердоган го информирал Иванов за предизвиците со кои се соочува неговата земја поврзано со бегалската и мигрантската криза и со борбата против тероризмот. Иванов го информирал за мерките и активностите кои ги спроведува Македонија за справување со кризата.
„Изрази очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот НАТО самит во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата“ - стои во соопштението од кабинетот на Иванов.
Двајцата се категорични дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во насока на постојано информирање и превенција од заканите од тероризмот.
Со Ципрас се разговарало во контекст на билатералните односи, предизвиците од мигрантската криза, и актуелните политички и економски состојби во двете земји.
