Иванов присуствуваше на ифтарска вечера во Маврово – Ростуше
Претседателот Ѓорѓе Иванов присуствуваше на ифтарска вечера во селото Јанче во општина Маврово - Ростуше.
Оттаму тој порача дека треба да ги следиме традициите на нашите предци кои не научиле на соживот и да си помагаме меѓусебе.
„Посакувам периодот на пост, на самооткажување на сите да ви носи среќа и радост во вашиот живот, да имате радост во семејствата, да имате добрини меѓу вашите соседи, меѓу вашите блиски. Ме радува што повторно сум во овој крај, во кој кога природата давала, не штедела, дала толку многу убавини, дала толку прекрасни предели, толку убава природа и луѓе, кои иако се од различни вери, меѓусебе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата која ни ја оставиле претците. Има различни религии, но една вера - вера во Бога“- изјави Иванов. На ифтарската вечера присуствуваа и министерот за здравство, Никола Тодоров, претседателот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, градоначалникот на општина Маврово - Ростуше, Мукрем Мехмеди, претставници на верски заедници, како и други гости од општествено-политичкиот живот во Македонија.
