Иванов потрошил пола милион евра за 10 дена кампања
Четворицата кандидати за претседател ги доставија до Државниот завод за ревизија извештаите а досегашните приходи и расходи од нивните изборни банкарски сметки. Извештаите се однесуваат за периодот од првите 10 дена од изборната кампања, односно од 24 март до 02 април.
Најмногу пари во досегашниот тек на изборната кампања потрошил кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов. Од вкупно 595 донатори, Иванов успеал да прибере 232.624 евра. Најниската донација е 5.000, а највисоката 140.000 денари од „ЕМИ НИКО ДОО“ - Скопје. Донирале и граѓани, но и фирми, меѓу кои и едно козметичко студио „Две срца“ кое дало 30.000 денари за кандидатурата на Иванов.
На донаторската листа кај актуелниот шеф на државата кој бара втор мандат се запишале и градоначалниците Славчо Чадиев, Петре Латиновски, Владимир Талески, Билјана Беличанец - Алексиќ, Никола Бакрачески, од кои речиси сите донирале по околу 500 евра. Толку пари издвоиле и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и досегашната потпретседателка на Собранието Светлана Јакимовска. 10.000 денари за поддршка на кандидатурата на Иванов дала и Есма Реџепова.
Други приходи освен овие од донации Иванов не пријавил кај ревизорите. Но, успеал да потроши двојно повеќе отколку што собрал. Дури 506.491 евра го чинела кампањата досега кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, со што на неговата сметка има минус од 273.866 евра. Најголемиот дел од парите биле потрошени за реклама и пропаганда (467.381 евра) и за копирање, печатење и издавање (18.130 евра), додека останатите трошоци вклучуваат комуникациски услуги, превозни и транспортни услуги, изнајмувања на простор и опрема и други услуги.
Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски од донации на шест лица успеал да собере 1.847 евра, а сите овие пари биле потрошени за пропаганда и реклама.
Од останатите приходи од други субјекти, кандидатот на СДСМ Пендаровски на ревизорите им пријавил уште 97.815 евра. Најголемиот дел и од овие пари, односно околу 82 илјади евра биле потрошени за рекламирање, а остатокот за изнајмување на простор и опрема, провизија на платен промет, даноци и придонеси и други материјални расходи. Вкупните трошоци на Пендаровски од овие останати приходи изнесуваат 90.246 евра, што остава непотрошени околу 7.500 евра за претседателскиот кандидат на СДСМ.
Кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски успеал да собере 8.130 евра, сите од донации. Исто толку и потрошил досега, а сите пари отишле за платено политичко рекламирање.
На листата на донатори кај Поповски се запишале девет лица, од кои осум донирале по нешто помалку од илјада евра, а едно по четиристотини евра за кампањата на кандидатот на ГРОМ.
Претседателскиот кандидат на ДПА Илјаз Халими ги известил ревизорите дека во досегашниот тек на претседателската кампања на неговата изборна сметка нема никакви приходи, ниту расходи.
Деталните финансиски извештаи на четворицата кандидати можете да ги видите ТУКА
Билјана Арсовска
Слично
