Иванов постхумно додели ордени за загинатите полицајци во Куманово
Постхумно одликување добија осумте полицајци Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ , кои загинаа во антитерористичката акција лани во Куманово.
Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов на семејствата на загинатите им додели медали за храброст. Тие спречија дестабилизација на државата и конфликт кој можеше да има несогледливи последици, нагласи Иванов.
„Времето е најдобар учител , сите треба да ја научиме лекцијата од Куманово што е мн скапо платена, А тоа е дека поделбите и раздорот не прават послаби и поранливи. Пожртвуваноста на нашите херои треба да биде предупредување до сите учесници во политичкиот живот на Македонија но и фактор на обединување“ - рече Иванов.
Ордени за воени заслуги Иванов додели и на припадниците на Единицата за специјални задачи и за брзо распоредување за заштита на националната безбедност.
На одликувањето не присуствуваше техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Од поканетите беа заменикот во МВР Митко Чавков, министерот за одбрана Зоран Јолевски, пратеници, припадници на безбедносните сили и други гости.
