Економија, финансии, бизнис

Контакт

Иванов од Бан Ки-мун пак побара поголем ангажман во спорот околу името

Иванов од Бан Ки-мун пак побара поголем ангажман во спорот околу името
Претседателот Ѓорге Иванов на 69-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации се сретна со генералниот секретар на светската организација Бан Ки-мун, од кого побара поголем интензитет на разговорите за разликите околу името со соседна Грција, кои се водат под поктровителство на ОН. „Претседателот Иванов побара од генералниот секретар Бан Ки-мун процесот да добие поголем интензитет и побара поголема ангажираност од страна на генералниот секретар за активност од страна на Обединетите нации во процесот на изнаоѓање на решение за наметнатиот спор со Република Грција“, велат од кабинетот на Иванов. Слично барање шефот на државата упати до Бан Ки-мун и при неговата посета на Македонија во 2012 година. Генералниот секретар на ОН тогаш вети дека ќе се заложи за поредовен дијалог меѓу двете страни. На средбата во Њујорк вчера, од македонска страна била изразена оценка дека е потребна поголема посветеност и добра волја од страна на Грција, нешто што во овој момент не постои. Иванов побарал разговорите да се водат во рамките поставени од резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Хаг, и без нивно кршење и надминување. „Иванов оцени дека со нелегалните блокади на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО не се создава амбиент на сигурност и стабилност на Балканот, и затоа ни е потребно Советот за безбедност да опстои на безусловно почитување на своите резолуции“, информираат од кабинетот на претседателот. За неуспехот да се имплементира пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг Иванов зборуваше и во својот говор пред Генералното собрание на ОН. „чЧовековите права и правото на човечко достоинство на македонските граѓани се континуирано негирани од страна на една членка на ова семејство, но и на земја-членка на НАТО и на Европската унија“, рече Иванов. Тој смета дека "условувајќи нè да се откажеме од македонскиот идентитет, земјата која нè блокира од нас го бара невозможното – бара да прекршиме еден од основните принципи на Унијата за да ги исполниме условите за членство во Унијата. Бара да го прекршиме правилото и да го изневериме ова наше глобално семејство".
Слично

Поврзани вести