Иванов: Неопходно е да се врати довербата во институциите
Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, денеска во својот говор на Мечкин Камен во Крушево, порача дека е неопходно да се врати довербата во институциите во кои има пропусти, за решавање на политичката криза.
Одбележувајќи го Денот на Републиката тој ги повика сите политички актери да се однесуваат разумно и одговорно и да покажат политичка зрелост за излез од кризата.
,,Граѓаните очекуваат власта да биде креатор, а опозицијата коректор на политичките и законските решенија. Но, очекуваат тој процес да се одвива таму каде што му е местото - во институциите на државата. Институциите мора да функционираат, бидејќи без луѓе, ништо не се случува, но без институции, ништо не трае "- рече Иванов.
Претседателот додаде дека политичкиот систем не смее да зависи од карактерот на лидерите на политичките партии.
,,Крајно време е да го исполниме последниот македонски манифест. Време е стиснатата тупаница да ја замениме со раширени раце, неодговорното однесување да го замениме со неопходната одговорност, а меѓусебните обвинувања да ги замениме со враќање на довербата''- рече Иванов.
На крајот, Иванов посочи дека Македонија се наоѓа пред нова пресвртница, бидејќи како што рече, иако слободна таа се уште им робува на политичките поделби.
