Иванов: Неопходен е нов Маршалов план за Блискиот Исток и Северна Африка
Неопходен е нов Маршалов план за Блискиот Исток и Северна Африка, што ќе им ја врати надежта на луѓето во овие региони за квалитетен живот, изјави претседателот Ѓорѓе Иванов, во своето обраќање на денешната конференција „Геостратегиската и геополитичката положба на Република Македонија во услови на мигрантската и бегалската криза“.
Тој во Македонската академија на науките и уметностите објасни дека освен предизвик, мигрантската криза е и можност за враќање на чувството за државност и одговорност кај политичките партии во Македонија. За Иванов специфично за бегалските рути е тоа што кога ќе се затвори една, се отвораат други рути.
„Неопходно е создавање услови за мир и стабилност и одржлив економски развој во земјите на потекло. Неопходен е нов Маршалов план за Блискиот Исток и Северна Африка што ќе им ја врати надежта на луѓето во овие региони за квалитетен живот. Истовремено, европските држави мора да применуваат одржливи политики за интеграција без асимилација, за да ја избегнат опасноста од гетоизација“- вели Иванов.
Тој смета дека земјите успешно ќе ја менаџираат кризата ако соработуваат, ако ги почитуваат договорите, затоа што ниту една земја сама не може да одговори на предизвикот.
Слично
