Иванов нема да дозволи промена на името без референдум
Европа во Македонија и Македонија во Европа, држава и економија кои создаваат нови работни места и Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите, се трите програмски цели кои кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов ги презентираше денеска.
- Најавувам програма на континуитет и доследност во ставовите на државните интереси, со нова енергија и перспективи за Македонија. Се раководи од интересите на Македонија и граѓаните, еднакво како и во програмата во 2009, Македонија да биде држава отворена кон сите, како татковина која лојално и посветено ја градиме како дом за сите нас, рече Иванов.
Физичкото поврзување на регионите, нагласи тој, се труди да го надгради со поврзување на луѓето и државите преку економска и политичка поврзаност.
Иванов посочи дека нема да прифати каква било промена на Уставот и уставното име.
- Како претседател нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам никакви идеи или предлози што би ги загрозиле посебноста на македонската култура, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, македонскот модел на соживот. Нема да допуштам Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени, подвлече Иванов.
Македонските граѓани, имаат право да одлучуваат за клучните национални прашања и нема да дозволам решенија за спорот без претходно да се изјаснат граѓаните на референдум, рече Иванов. Според него, не смее ниту еден поединец, партија, организација, Влада или Собрание да оди против волјата на граѓаните и мора да се почитува нивната конечна волја.
Силата на Македонија, е во нејзината отвореност и поврзаност. Ќе продолжам со политиката на глобално, европски и регионално ниво. На блокадите од нашиот јужен сосед, ќе одоговриме со отвореноста и подготвеноста за дијалог, рече кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.
Слично
