Иванов: Нè загрижува можноста Европската унија да тргне по патот на Југославија
Со загриженост ја примивме пораката за тоа што денеска се случи во Велика Британија, пред сè, бидејќи сите наши стратешки определби се насочени кон Европската Унија, вели претседателот на државата, Ѓорге Иванов, при денешната посета на Министерството за внатрешни работа.
Според него, Европа сега се наоѓа во една нова ситуација за која нема никакво претходно искуство. Иванов додава дека Македонија одблиску ќе ги следи понатамошните случувања, со надеж дека ќе проработи лидерството и ќе се носат одговорни одлуки.
„Ние и претходно укажувавме дека начинот на кој се носат одлуките во Европа не соодветствува со времето во кое живееме. Европската Унија не беше навикната и подготвена да носи две одлуки во исто време, туку фокусот секогаш беше на еден проблем. Тоа сите нас нè вознемирува бидејќи сите наши граѓани очекуваат и сакаат еден ден да бидат дел од тоа големо европско семејство. Ние, постарите, ја доживеавме трагедијата на поранешна Југославија, каде исто така имаше систем на колективно одлучување. Каде е сега таа држава? Нè загрижува можноста Европската Унија да тргне по истиот пат “– изјави Иванов.
Иванов додава дека во услови на криза, земјите стануваат себични, се појавуваат радикални десничарски групи кои за проблемите ги обвинуваат мигрантите и муслиманите, се јавува исламофобија кон луѓето што поради мака од војни бегаат од своите домови.
