Иванов не штедеше пофалби до Владата за економските реформи!
Ние сме трети најдобри реформатори во светот многу подобри од повеќе членки на Европската унија, индустриските зони ги даваат своите резултати, туризмот и земјоделството се развуваат како никогаш досега, истакна претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање во Собранието на Македонија.
Според Претседателот и покрај глобалната криза и состојбите во ЕУ, како најзначаен трговски партнер, покажавме дека знаеме да се справиме со предизвиците. Република Македонија не ја зафати фаталниот бран кој внесе сомнеж и несигурност во многу европски земји. Иако во првите два квартала влеговме во рецесија со раст од 0,2 % на БДП, во третиот квартал успеавме да излеземе од рецесијата, рече Иванов кој напомена и дека буџетскиот дефицит е низок од 2,5% од БДП, имаме ниско ниво на инфлација од 3.2% и стабилен банкарски систем.Тој истакна дека во однос на јавниот долг, со стапка на задолженост од 30,6%, Македонија е меѓу четирите најниско задолжени земји во Европа, по индексот за економска слобода во светот сме биле на 43-то место, пред дури седум земји од нашиот регион, а според глобалното рангирање на Форбс се наоѓаме на високото 37-мо место во светот според поволноста за отпочнување бизнис.
„Во последните четири години преку странските инвестиции во Република Македонија се влезени околу една милијарда и 550 милиони евра. Ние сме трети најдобри реформатори во светот.Сево ова покажува дека сме подобри од многу земји во регионот, па дури и од некои земји-членки на Европската унија,“ истакна Иванов.
Тој е задоволен од проектот за технолошко-индустриските развојни зони, а како што кажа во обраќањето, покрај привлекувањето на странските директни инвестиции, Македонија е посветена на поддршката на домашните стопанственици и поддршката на мали и средни претпријатија.
Исто така, посочи Иванов, тој е задоволен и од резултатите во туризмот и бројот на странските туристи кој е зголемен за 8,6 %, од модернизацијата на аеродромите, но и од земноделството.
„Им честитам на Владата и на стопанството за постигнатите резултати во 2012 година. Особено силно ги поддржувам напорите на Владата за поттикнување на земјоделството преку инвестирање на 670 милиони евра во периодот од 2011 до 2015 година. Замислете ваква посветеност, наместо денес, да имавме од порано! До сега ќе бевме регионална земјоделска сила“, рече Иванов. Тој најави дека еден од нашите приоритети е обезбедување на енергетската стабилност, а го поздрави и приклучувањето на Македонија кон „Јужен тек“, но исто така побара поголеми вложувања во обновливите извори на енергија. „Не смееме да заборавиме дека развојот и растот на економијата непосредно зависи од инфраструктурната поврзаност. Затоа, на сите средби го актуелизирам поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорите 8 и 10. Инфраструктурата и поврзувањето се основен предуслов за надминување на разликите и за поврзување и стопанска соработка“, рече Иванов пред пратениците во Собранието.