Економија, финансии, бизнис

Контакт

Иванов: Насилство нема да се толерира

Иванов: Насилство нема да се толерира

Македонија има институции коишто функционираат и се справуваат со предизвиците. Протести се дозволени секаде, но насилство не смее да се толерира, изјави шефот на држава Ѓорге Иванов од Охрид, коментирајќи ги протестите поврзани со судскиот случај „Монструм“.

„Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Оној кој се сомнева во каква било дејност или активности на одредена институција може тоа преку инситуционален пат да го оствари, тоа се однесува и на пресудата за случајот „Монструм“. Мора да оставиме судовите тоа да го сработат“, рече Иванов.

Тој вели дека постојано е во контакт, во координација, со сите надлежни институции за сите активности што се преземаат за актуелната ситуација. Според него едни исти лица постојано ја користат вознемиреноста на населението за да придобијат дневно-политички поени.

„Имало и ќе има такви настани, но не смееме да дозволиме страв кај населението и недоверба во институциите. Граѓаните ни ја дале довербата и ние сме одговорни пред нив да ги преземеме сите активности за да не дозволиме да се случуваат насилни акти во државата“, вели Иванов.

Коментирајќи го начинот на кој овој случај беше искористен и одредени кругови во Тирана и Приштина, претседателот Иванов  потсетува дека соседите на ум треба да ја имаат улогата на Македонија во процесот на остварување на државноста на Косово.

„Со такви акти како палењето на знамето во Косово, тие повеќе си наштетуваат себеси затоа што сликата за Косово ја пренесуваат низ светот, а сите знаат што Македонија направи за остварувањето на државноста на Косово. Така што сите такви насилни акти како палењето на знамето, оди на нивна штета и ќе се одразува на начинот како врз нив ќе гледат во светот“, вели Иванов.

Слично

Поврзани вести