ИВАНОВ: На 11-ти Октомври македонскиот народ го докажа државотворниот капацитет
Претседателот Ѓорге Иванов упати честитка до граѓаните по повод 11-ти Октомври - Денот на народното востание, денот кога во 1941 со нападите на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ врз полициската станица и затворот во Прилеп започна востанието против фашистичката окупација и беше најавена организираната народно ослободителна борба.
„Преку оваа борба нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Токму со 11 октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Македонските граѓани знаеја да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја“, вели Иванов во честитката.
Според него, и после 73 години не бледнее споменот на 11 октомври и на народно ослободителната борба, живо е сеќавањето на сите оние кои застанаа наспроти моќната фашистичка армада и го положија својот живот на олтарот на татковината.
„Победата беше извојувана со невиден хероизам, смелост, непоколебливост и саможртвување. Наследството кое ни го оставија македонските борци - слобода и мир нема да дозволиме никогаш да ни биде одземено и загрозено. На овој голем празник уште еднаш да се потсетиме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата“, пишува во честитката на Иванов.
Слично
