Иванов му пиша на Туск – ЕУ има двојни стандарди кон Македонија!
Претседателот Ѓорге Иванов со писмо му го честита преземањето на функцијата на новиот претседавач со Европскиот совет Доналд Туск и побара од него поголем ангажман и поддршка за деблокада на македонските евроинтеграции.
Објаснувајќи му ги долгогодишните активности за надминување на македонско-грчкиот спор околу името, блокадата со која се соочува Македонија во евроатлантските интеграции и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, Иванов нагласува дека „поради предолгата status quo состојба Република Македонија се соочува со сериозни предизвици кои создаваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Дополнително на тоа, се создава негативна слика за кредибилноста на политиката на проширување на Европската унија“.
Според шефот на државата, како резултат на овој пристап, Грција наместо да бара решение на спорот со Македонија, прифати дека блокадата е најдобро решение само по себе. „Досегашното искуство недвосмислено зборува дека без промена на пристапот, невозможно е да се дојде до решение“, пишува Иванов во пресрет на овогодинешниот состанок на Европскиот совет.
Истовремено, во писмото тој ја обвинува Унијата за недоволна посветеност и двојни стандарди кон Македонија.
„Позитивните искуства од паралелното движење во интеграциите меѓу Словенија и Хрватска и дијалогот меѓу Белград и Приштина што дадоа резултати не се применуваат во случајот со Македонија и Грција. Бевме сведоци дека во двата случаи функционерите на Унијата и лидерите на земјите-членки беа активно ангажирани. Убеден сум дека ако Баронесата Ештон посветеше на Република Македонија барем една третина од нејзиното време што го посвети на дијалогот Приштина-Белград, до сега ќе имавме видлив напредок во надминувањето на разликата. За жал, во нашиот случај, од 2009, па до сега, освен напорите на Комесарот Штефан Фуле, не видовме сериозен ангажман“, се пожали Иванов до Туск.
Македонскиот претседател нагласува дека само со деблокада на Македонија би се создала поголема доверба и атмосфера за да се надмине билатералната разлика и да се придонесе за стабилноста, просперитетот и благосостојбата на регионот.
„Сакам да побарам од Вас, како пријател на двете држави, прашањето за деблокада на status quo состојбата во која се наоѓа Македонија да го отворите пред Европскиот совет. Клучно прашање што верувам дека треба да се постави до премиерот Самарас е: што ќе изгуби Грција доколку Македонија добие датум за почеток на преговорите? Зарем не е во интерес на Грција на својата северна граница да има европски сосед со повисоки европски стандарди, критериуми и вредности, кои би важеле не само за македонските граѓани, туку и за грчките туристи и стопанственици кои доаѓаат во Македонија? Ве уверувам дека Македонија сака најдобри можни односи со нашиот јужен сосед“, пишува Иванов во писмото, во кое бара од Туск директно да се заложи и за директна средба на македонскиот и грчкиот премиер, Никола Груевски и Андонис Самарас.
