Иванов: Македонија треба да го добие заслуженото – преговори со ЕУ!
Европската интеграција е наша стратешка цел и потребно е Република Македонија да го добие заслуженото - да ги почне долго очекуваните преговори кои ќе дадат дополнителен стимул за да се забрзаат реформските процеси во земјата, смета шефот на државата Ѓорге Иванов, кој денеска од евроамбасадорот во земјава Аиво Орав го доби примерокот од Извештајот за напредокот на земјата на патот кон ЕУ.
„Моменталната статус кво состојба со македонските евроатлантски интеграции, за која многупати до сега укажував, во голема мера придонесе за наведените оценки во Извештајот на Европската комисија. Република Македонија е прва земја од регионот што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, од 2005 година е кандидат за членство, а од 2009 година комисијата дава препораки за почеток на пристапните преговори. Сметам дека Европскиот совет конечно треба да ги согледа последиците од предолгото чекање и да даде зелено светло за датум за почнување на преговорите“, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател истакна дека сите политички и општествени фактори во земјава е неопходно да се фокусираат кон вложување на дополнителни напори со цел оставарување на реформската агенда.
„Сите заедно, посветено и одговорно да работиме за остварување на нашите стратешки цели. Без оглед на забелешките нотирани во извештајот, наша примарна цел секогаш треба да биде напредокот на Република Македонија“, рече претседателот Иванов.
Амбасадорот Орав изрази надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.
Слично
