Иванов лови инвеститори во Пекинг, средба со раководствата на три кинески компании
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во рамки на првиот ден од посетата на Пекинг, оствари средби со раководствата на три кинески компании, кои пројавија интерес за економска соработка со Македонија.
Станува збор за „Чајна стејт констрашн инженеринг“, најголема градежна компанија во Кина, петта по големина во државата, а десетта во светот, „Синохидро корпорејшн ЛТД“, која ќе ги гради автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид и нафтената компанија „Сесаји јилиајија петро хемикал еквипмент“.
Раководството на државната градежна компанија, која е вклучена во проектот за вложување 10 милијарди долари за патишта во земјите од Централноевропската иницијатива го информира претседателот Иванов за нивниот интерес за инвестирање и во Република Македонија.
Специјален тим на компанијата веќе е во нашата држава и ги разгледува можностите за инфраструктурни проекти.
Иванов изрази задоволство од интересот и притоа информира за можностите што ги нудат слободните економски зони и напорите што ги прави Владата за подобар инвестициски амбиент. Стана збор и за проектот „Јадранско-јонска магистрала“ и нејзино поврзување со Коридорот 8 и 10.
Претседателот на компанијата „Синохидро корпорејшн ЛТД“ го информираше шефот на македонската држава дека сите подготовки за потпишување на договорите со Република Македонија за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид од нивна страна се завршени и се чека одобрувањето од македонскиот Парламент, по што започнува реализацијата на проектот.
Претставниците на „Сесаји јилиајија петро хемикал еквипмент“ го известија претседателот Иванов дека се заинтересирани за инвестирање во слободните економски зони во Македонија за производство на пумпи за бензински и за електронски автоделови.
Слично
