Иванов: Кој сака да го слави Илинден со нас, треба да ги слави сите три Илиндена!
Од утрово запона одбележувањето на најголемиот државен празник на Македонија - Илинден. На овој ден Македонија одбележува 111 години од Илинденското востание и 70 години од Првото заседание на АСНОМ. Денот на Републиката оваа година се одбележува под мотото „Од сон до Сонце".
На манифестацијата пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје претпладнево се обрати претседателот на државата Ѓорге Иванов. АСНОМ и ден денес нè обврзува дијалогот и соработката да ги водиме низ институциите на државата, рече Иванов.
„АСНОМ беше краток блесок, кој беше засенет од еден режим што задуши многу слободоумни Македонци, кои знаеја точно што сака македонскиот народ. Меѓу нив беше Методија Андонов Ченто“, рече Иванов.
Во овие 111 години имаше моменти кога излгедаше дека жарот на македонската слобода ќе згасне, но тој пламен никогаш не згаснува - тој пламен се разгори и ги изненади оние што сметаа дека Македонија ќе згасне заедно со СФРЈ, додаде шефот на државата.
Според него, илинденците оставиле два завета за следните генерации - да ја чуваме Македонија и да ја направиме проспертитетна и економски силна.
„Некои уште одбиваат да поверуваат дека Република Македонија е реалност на Балканот и реалност во Европа. Го негираат нашиот јазик, име и идентитет, живеат во илузија и бараат одговор на македонското прашање без Македонците и македонскиот идентитет. Оној што бара да се придружи на славењето на првиот Илинден, треба да знае дека со тоа го слави и вториот и третиот Илинден. Илинден не е само илинденското востание туку и АСНОМ и независна и суверена Македонија од 1991 година“, нагласи Иванов, индиректно упатувајќи порака до бугарските власти кои бараа заедничко одбележување на овој празник.
Иванов побара да се чува Македонија како земја на мир и соживот, социјална правда и толеранција, како безбедна и стабилна европска и евроатлантска земја.
Слично
