Иванов: Jа повикувам ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни Идомени
Ѓорге Иванов, претседателот на Македонија во вечерашниве вести на грчката ТВ Мега кажа дека Грција наместо да праќа демарш, требала да соработува и да информира за она што со денови се случува во кампот Идомени.
Иванов вели дека таканаречени волонтери, го организираа ова и делеа летоци на арапски јазик со што вршеа и подготовки за насилно влегување на македонска територија. Додава дека македонските институции го преземаа сето она што требаше да биде преземено од грчките институции, за да се спречи обид за масовно влегување на мигранти во земјава.
„Ја повикувам ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени од каде доаѓаат во последно време сите илегални обиди за поминување на наша територија и долж коридорот кој е затворен со одлука на Брисел. Сѐ додека постои таа одлука, ние ќе ја почитуваме и нема да дозволиме илегален премин на наша територија. Не доликува на земја - членка на ЕУ и НАТО, земја која учествувала во носењето на оваа одлука за затворање на коридорот, да не ја почитува таа одлука и да дозволува да се загрозува територијата на нејзина соседна држава со илегално минување на мигранти“ - изјави Иванов.
Тој повтори дека координација меѓу институциите на двете земји нема, а за членството во НАТО условите Македонија ги исполни уште во 2008 година кога Грција ја блокираше нашата земја.
