Иванов ја повика опозицијата да се врати во Собранието
Оние кои ја бојкотираат институцијата претседател, всушност ги бојкотираат граѓаните кои гласаа на претседателските избори, рече претседателот Ѓорге Иванов во својот инаугуративен говор пред пратениците во Собранието.
Неговата инаугурација денеска ја бојкотираше опозицијата предводена од СДСМ, но и владиниот коалициски партнер ДУИ. Иванов во говорот по потпишувањето на свечената изјава ја повика опозицијата да се врати во Собранието и да ги прифати пратеничките мандати.
„Ја повикувам опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности. Демократијата функционира кога се почитуваат правилата на играта, кога се почитуваат Уставот и законите, кога се почитува слободно изразената волја на избирачите на изборите“, рече Иванов, нагласувајќи дека бојкотот на институциите значи и бојкот на државата,
Иванов, кој од денеска го почна новиот петгодишен мандат, побара да се надминат личните и теснопартиските односи во интерес на демократијата и граѓаните.
„Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата „претседател на Република Македонија“, всушност ги бојкотираат граѓаните кои гласале на претседателските избори. Оние што го бојкотираат Собранието за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните, кои гласале и за нив“, истакна Иванов.
Слично
