Иванов: Изминатите пет години има економски развој, паѓа невработеноста, растат инвестициите
Последните пет години има подобрување во економскиот развој, намалување на невработеноста, подобрување на условите за водење бизнис, зголемување на инвестициите. Ова се достигнувањата на економски план кои ги истакна македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов за време на неговото годишно обраќање пред пратениците во македонското собрание.
Вели дека бил избран за претседател во време на глобалната економска криза, но во текот на неговиот мандат изминативе пет години, оценува дека има подобрувања поголеми од очекуваните.
„Предизвици сè уште има. Иако во градовите не е лесно да се најде работа, многу од селата остануваат празни, а селските атари необработени. Неопходно ни е правилно користење на ресурсите со кои располагаме. Не смееме да заборавиме дека Македонија е во прв ред аграрна земја.Светската економија веќе застанува на нозе. Водечките политичари и аналитичари од Европа најавуваат дека најлошото е поминато и дека состојбата во Европа се подобрува. Се враќа довербата на инвеститорите.“, истакна Иванов во својот говор.
Тој смета дека за да ја освоиме довербата и да донесеме што повеќе инвеститори во Македонија, неопходно е структурно приспособување. Посочи дека само 5 отсто од компаниите се ориентирани кон извозот, па порача дека е неопходна е извозна ориентација, нови технологии, вложување во образование, наука и истражувања.
„Постојано ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот. Ги охрабрувам универзитетите да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови, start-up акцелератори и други креативни проекти, со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите. Ја охрабрувам Владата да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати учесници.“, истакна тој.
Побара да бидеме солидарни кон сиромашните, ја истакна потребата од еманципација на Ромите и нивно вклучување во македонскиот политички, економски, социјален и културен живот, а порача и дека младите се приоритет.
„Младите се нашата иднина, а сепак многумина од нив ја напуштаат татковината. Како и речиси сите држави од Централна и Источна Европа, и Македонија се соочува со бран на иселување на образовани, квалификувани, талентирани млади луѓе. Не можеме да ја спречиме човековата потрага по среќа, но треба да продолжиме да создадеме услови луѓето таа среќа да ја бараат и да ја наоѓаат тука. Единствен начин да го постигнеме тоа е да посветиме внимание на визиите, желбите и соништата на младите.“, додаде Иванов.
Слично
