Економија, финансии, бизнис

Контакт

Иванов – инаугурација без лидери од надвор и со сериозен бојкот од внатре

Иванов – инаугурација без лидери од надвор и со сериозен бојкот од внатре
Претседателот Ѓорге Иванов денеска го започна својот втор претседателски мандат на невообичаен начин за еден шеф на држава. На неговата инаугурација не присуствуваше ниту еден од колегите-лидери од регионот, што досега беше вообичаена практика. Наместо тоа, по инаугурацијата, во Вилата Водно Иванов имаше средби со обични граѓани, со кои разговараше за очекувањата од неговиот втор мандат. За да бидат дел од оваа манифестација, граѓаните имале можност да се пријават на официјалната веб страна на претседателот. Пред претседателската вила го пречекаа сопругата Маја и синот Иван, како и членови на неговиот Кабинет. Изборот на инаугурацијата да нема странски гости предизвика различни мислења на експертите. За едни, тоа е логичен потег со кој Иванов избегнал високите гости да ги видат празните пратенички столчиња кои го означија бојкотот против него од страна на опозицијата предводена од СДСМ, но и од страна на ДУИ. За други, пак, отсуството на странски лидери на една ваква свеченост испраќа негативни дипломатски пораки за изолираност на земјата. Во своето обраќање пред Собранието при потпишувањето на свечената изјава, Иванов нагласи дека останува на патот на европската и евроатлантската интеграција, но воедно истакна и дека очекува Европската унија и НАТО да останат доследни на своите принципи во проширувањето. Во однос на спорот со името, тој нагласи дека нема да дозволи промена на уставното име на Република Македонија. Свеченоста помина во полупразна собраниска сала, со оглед на тоа што на церемонијата не присуствуваа опозициските пратеници кои одбиваат да ги прифатат мандатите, но и целата пратеничка група на ДУИ, за која Иванов е нелегитимен претседател затоа што ја нема поддршката на Албанците кои живеат во Македонија. Од политичките партии, новиот мандат на шефот на државата го поздравија само ВМРО-ДПМНЕ и ДПА.    
Слично

Поврзани вести