Иванов да ја повлече одлуката за помилување, бараат четири албански партии
За воспоставување на нормална состојба во земјата, после што може и треба да се одржат предвремени парламентарни избори, треба што побрзо Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за помилување на сите лица кои се предмет на истрага од Специјалното јавно обвинителство, се вели во заедничкиот став на Беса, Унитети, НДП и ПДП.
Според нив, во време кога човековите права и слободи се сериозно повредени, кога демократијата и гласот на граѓанинот се заробени од владејачките партии и кога уставно-правниот систем е нарушен од главните државни институции, предвремените парламентарни избори на 5 јуни 2016 година, распишани од претседателот на Собранието, не можат да се одржат.
„Ние без сомнение сме определени за воспоставување на демократијата и целосно обезбедување на правата и слободите на Албанците во земјата, како и за декриминализација на власта, овозможувајќи владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот, што подразбира непречено функционирање на Специјалното јавно обвинителство, департизација на сите државни институции, како и слободни, објективни и професионални медиуми, финансирани на транспарентен начин, со што би се создале услови за одржување на кредибилни избори, прифатливи од сите учесници и од меѓународниот фактор“ - велат од партиите.
Тие сметаат дека со помош на меѓународниот фактор треба да се изнајде начин за одложување на датумот за избори, сè до исполнување на сите предвидени услови во договорот од Пржино.
