Итен состанок за „нулата“ од Германците, Анѓушев тврди сакале предвидлива политика
На итен состанок во Владата, претставници на германските инвеститори во земјава објаснувале зошто лошо ја оцениле работата на Владата. Вчера Патрик Мартенс, претседателот на Германската стопанска комора во Македонија рече дека 56 проценти од германските инвеститори сметаат дека деловното окружување е лошо, а само 5 отсто го оцениле како добро. Сепак и денеска кога дообјаснуваше и вчера рече оти повеќето германски инвеститори повторно би вложиле во земјава. Вицепремиерот Кочо Анѓушев по разговорот со нив изјави оти бил уверен дека повеќе сакаат предвидлива политика, а не често менување на регулативата, особено во однос на даноците и минималната плата.
„Јасно ги детерминиравме сите проблеми што предизвикале некои бројки во анкетата да бидат негативни. Главните причини за негативните бројки во анкетата се однесуваат во делот дека сакаат малку попредвидлива политика во економијата, односно навреме да бидат информирани за промените во даночната политика и во делот на минимална плата, а искажаа и потреби царинските тарифи да бидат прилагодени на европските, посочи Анѓушев.
Мартенс кој децидно демантираше дека Дрекслермаер си оди од Макеоднија рече денеска дека има заинтересирани германски компании што сакаат да инвестираат во Македонија, како и компании што се заинтересирани да инвестираат во истражување и развојот. Рече дека во истражувањето што го објавија вчера се покажало дека не може исто да се задоволат сите странски инвеститори и додаде дека 50 проценти од инвеститорите биле задоволни.
„Утринава во Владата имавме дискусија за економското истражување што го направивме и разговаравме со вицепремиерот Кочо Анѓушев за приватниот сектор и за владината поддршка за инвестициите. Владата е наш партнер и заедно треба да работиме да го задржиме нивото што го имаме. Во истражувањето беше посочено дека 78 отсто од странските инвеститори повторно би инвестирале во Македонија. Ова високо ниво треба да се задржи, бидејќи е голема конкуренцијата кога станува збор за изборот на локација на странските инвеститори, рече Мартенс.
На состанокот присуствувале сите министри од економските сектори.
