Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИСТРАЖУВАЊЕ: Над 160.000 Македонци резервирале стан преку Airbnb

ИСТРАЖУВАЊЕ: Над 160.000 Македонци резервирале стан преку Airbnb

Точно 8 отсто од македонските граѓани договориле сместување (соба, стан, куќа, куќа за одмор итн.) преку веб- страници или апликации од друго приватно лице во изминативе 12 месеци, покажува истражувањето на Евростат. Тие користеле специјализирани веб-страници или апликации, како Airbnb или HomeToGo, но и други веб-сајтови или социјални мрежи, преку кои се одвиваат овие услуги од новиот пазарен модел создаден под силно влијание на информатичките технолологии, познат како „споделена економија“.

Овие веб- страници ги вмрежуваат физичките лица кои ги нудат сопствените станови и куќи со патниците на кои им треба сместување при патување во странство или во друг град. На овој начин се заобиколуваат традиционалните хотели, а интересот е голем бидејќи цените за сместување се поевтини.

Иако со овој процент заостануваме зад европскиот просек од 17 отсто, сепак добро стоиме во споредба со некои држави- членки на Унијата. Сместување преку интернет од друга приватна личност најчесто резервираат жителите на Велика Британија и на Луксембург. Околу една третина од лицата на возраст од 16 до 74 години во Обединетото Кралство (34 отсто) закупиле стан или куќа од друго приватно лице преку веб-страница или апликација, како и една петтина во Луксембург (22 отсто), Ирска (21 отсто), Малта и Холандија (по 20 отсто). Спротивно на тоа, Република Чешка (1 отсто) регистрираше најнизок процент меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, потоа Кипар (4 отсто), Португалија и Романија (по 6 отсто), како и Хрватска (7 отсто). Овој процент кај Бугарите изнесува 8 отсто, а кај Србите 12 отсто.

Онлајн- резервацијата на сместување во приватен стан е најчесто кај лицата на возраст од 25- 54 години (22 отсто), покажува истражувањето на Евростат, со кое беше опфатен и уделот на „споделената економија“ во транспортните услуги. Според него, Европјаните многу помалку сакаат да ги споделуваат своите возила или да се возат со други приватни лица, односно да користат апликации слични на Uber.

Повикување такси или друг превоз преку посебни веб- страници или апликации правеле околу 8 отсто од поединците во ЕУ. Оптимизам дава тенденцијата дека закажувањето на транспортни услуги од друго приватно лице е најпопуларно кај помладата генерација (14 отсто од оние на возраст од 16-24 години).

Во Македонија, овој начин на превоз го користат само 3 отсто од популацијата. На ниво на ЕУ, најголем удел на лица кои ги користат транспортни услуги од друга приватна личност преку веб-локација или апликација се регистрирани во Обединетото Кралство (27 отсто), пред Естонија (20 отсто) и Ирска (17 отсто). На спротивниот крај на скалата, најниско ниво е забележано во Кипар (1 отсто), Чешка, Австрија, Португалија и во Романија (по 2 отсто).

(М.Б.)


Слично

Поврзани вести