Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦГК: Фирмите чекаат половина година да ги наплатат побарувањата од тендерите!

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦГК: Фирмите чекаат половина година да ги наплатат побарувањата од тендерите!
Обемна документација, задоцнети плаќања и услови за учество на тендерите – ова се клучните проблеми со кои се соочуваат фирмите на јавните тендери, покажало новото ноемвриско Истражување за мониторинг на јавните набавки што го спроведе Центарот за граѓански комуникации. Главен проблем, според најголем број од анкетираните фирми (46,1%), е барањето премногу документи за учество на тендерите за кои, пак, се потребни време и пари за да се обезбедат. Во групата на три главни проблеми се уште и задоцнетата наплата на побарувањата за веќе реализираните договори за јавни набавки (39,3%) и приспособувањето на тендерската документација и техничката спецификација, односно на условите за учество на тендерите, за да можат да ги исполнат само одредени понудувачи (35,2%). Задоцнета исплата Освен обемноста на документацијата што се бара за учество на тендерите, еден од клучни проблеми со кои се соочува приватниот сектор е задоцнетата наплата на побарувањата за реализираните договори склучени преку јавните набавки. Ова го покажува новиот Извештај од мониторингот на јавните набавки што го објави Центарот за граѓански комуникации. “Фирмите што реализирале договори за јавни набавки просечно чекаат по шест месеци за наплата на побарувањата од тендерите“ – пишува во извештајот. Според спроведената анкета 27% од фирмите одговориле дека плаќањата им доцнат од 1 до 3 месеца, а исто толкав процент дека доцнењето е од 3 до 6 месеци. Околу 18% од фирмите одговориле дека плаќањата им доцнат од 6 до 9 месеца, а 15% од фирмите велат дека задоцнувањето трае од 9 до 12 месеца. 10% од анкетираните фирми задоцнувањето е меѓу една и две години, а кај 3% неплаќањето е подолго од две години. Обемна документација Дури 46,1% од анкетираните фирми, според истражувањето се изјасниле дека барањето премногу документи за учество на тендерите е еден од клучните проблеми со кои се соочуваат при спроведување на јавните набавки. Од другите проблеми, повторно, според истражувањето, следува група од потешкотии поврзани со документацијата при тендерите. Тоа се: нејасно составени и тешко разбирливи услови за учество на тендерите и технички спецификации (каде што се опишани техничките карактеристики на бараните производи, услуги и работи) кои претставуваат главен проблем за 23,6% од анкетираните фирми, потоа задолжителното спроведување на електронските аукции (односно негативното наддавање за намалување на првично понудените цени), што е главен проблем за 21,3% од фирмите, додека следни се нереалните и тешко остварливите критериуми за учество, односно за утврдување на економско-финансиската состојба и техничка способност на економските оператори, што е главен проблем за 20,6% од анкетираните фирми. Со речиси еднакво учество е и следната група на проблеми, односно субјективниот пристап во оценувањето на прифатливоста на доставените понуди (16,5%), честото и лесно поништување на тендерите (16,5%) и недоволно образложените известувања од договорните органи за избраната понуда (16,1%). Фирмите бараат измена на Законот за јавни набавки Втор голем проблем со кои се соочуваат бизнисмените, според истражувањето на ЦКГ, претставуваат ниските цени што се нудат на тендерот, што влијае врз намалување на квалитетот на реализација на работата. “Доминантен дел од анкетираните фирми сметаат дека на електронските¤ аукции се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот во однос на цената на набавките“, се посочува во новиот ноемвриски Извештај на ЦГК. Анкетираните бизнисмени поосочиле три предлози во однос на промена на Законот за јавните набавки : промена на законската одредба што ја определува најниската цена како единствен критериум и земањето предвид на квалитетот на производите, услугите и работите, укинување на задолжителноста на електронската аукција за малите набавки до 5.000 евра и намалување на обемот и поедноставување на тендерската документација. Анализата, како што информираат од ЦКГ, во овој извештај е направена врз основа на податоците од истражувањето на фирмите кои учествуваат во постапките за јавни набавки во земјава за нивното искуство и мислења за спроведувањето на тендерите.
Слично

Поврзани вести